ОРЦЕ КАМЧЕВ НУДИ 14,5 МИЛИОНИ ЕВРА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР, АДВОКАТИТЕ ЧЕКААТ ДОКАЗИ

    ОРЦЕ КАМЧЕВ НУДИ 14,5 МИЛИОНИ ЕВРА ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР, АДВОКАТИТЕ ЧЕКААТ ДОКАЗИГаранцијата што ја понудил бизнисменот Орце Камчев, притворен во „Империја“ на СЈО, се состои од недвижен имот што го поседува лично во Македонија и од готовина. (Фото: архива)

    Сумата од 14,5 милиони евра што како гаранција за пуштање од притвор пред еден месец ја најави одбраната на притворениот бизнизмен Орце Камчев во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Империја“, е истата сума која тој повторно ја понудил минатата недела до Основниот суд Скопје 1, но и до Апелациониот суд Скопје. Разликата, велат судски извори, е што овојпат со понудената гаранција Камчев приложил и докази дека нема да бега, да уништува докази или да влијае врз сведоци.

    Одбраната, велат судски извори, побарала јавна расправа за жалбите, како во Кривичниот суд, каде присуствуваат адвокатите и обвинителот, така и во Скопска апелација, каде може да присуствуваат и новинарите, негови роднини и јавноста.

    Неофицијално, одговор по поднесените жалби нема ниту од Основниот суд Скопје 1, ниту од Апелација. Се чека да се изјасни специјалната обвинителка Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“.

    Гаранцијата што ја понудил Камчев се состои од готовина и недвижен имот што тој го поседува лично во Македонија.

    Претходно и притворениот осомничен Сашо Мијалков понуди гаранција од милион евра за да се брани од слобода, но Кривичниот суд ја одби.

    Извори од одбраната на осомничените во „Империја“ сметаат дека е можно СЈО да им понуди спогодба за вина со парично обештетување на државата, суми кои може да бидат многу поголеми од гаранцијата од 14, 5 милиони евра на Камчев. Но, вели одбраната, за тоа треба СЈО првин да изнесе докази за кривичните дела за кои ги товари осомничените 13 лица во „Империја“. Адвокатите тврдат дека досега не виделе ниеден доказ за овој голем случај, за кој СЈО тврди дека осомничените испрале над 10 милиони евра и дека истрагата уште ќе се проширува.

    На 9 ноември годинава, обвинителката од СЈО Лиле Стефанова ја отвори истрагата именувана „Империја“, против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска – Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку фирми и компании кои биле или се во нивна сопственост.

    Осомничените во „Империја“, според СЈО, испрале најмалку 10,5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.

    Судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена на Орце Камчев сопственикот на „Орка холдинг“, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски од вкупно 13 осомничени во „Империја“. По три дена и му го замрзна имотот на Камчев. На 10 декември судот им ги продолжи мерките притвор на овие пет лица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира