ОСОМНИЧЕНИ ЧЕТВОРИЦА ОД ДИК ЗА НАБАВКАТА НА СОФТВЕРОТ ШТО ПАДНА НА ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕ

    ОСОМНИЧЕНИ ЧЕТВОРИЦА ОД ДИК ЗА НАБАВКАТА НА СОФТВЕРОТ ШТО ПАДНА НА ДЕНОТ НА ИЗБОРИТЕБидејќи веб сајтот на ДИК падна веднаш по затворањето на избирачките места во 21 часот нa 15 јули, ДИК импровизираше и ги објавуваше првичните неофицијални резултати во живо на Јутјуб. (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори истрага за набавката на софтвер за изборните резултати против четири члена на Државната изборна комисија и еден управител и сопственик на правно лице, за што САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше во деновите по изборите на 15 јули.

    Обвинителството утврдило дека осомничените од ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, како и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок.

    Исто така, велат од Обвинителството за организиран криминал и корупција, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот, како и да утврдат дека Извештајот од спроведена постапка бил изготвен спротивно на Правилникот за начинот на пополнување на образецот на Извештајот од спроведената постапка.

    Станува збор за набавката на софтвер од компанијата „Дуна“, за која постапката заврши само една недела пред денот на изборите (8 јули). Оваа набавка беше спроведена без објавување оглас, со директно преговарање. Вечерта на изборите падна веб сајтот на ДИК со резултатите од предвремените парламентарни избори на 15 јули и јавноста не можеше да се информира за броењето на гласовите.

    За истата јавна набавка, ДИК распиша тендер во февруари 2020, кој го доби „Дуна“, но тендерот беше поништен откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја прифати жалбата на „Ај Воут“ и го поништи тендерот.

    „Изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка била направена во консултации со учесник во постапката, спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата. Со извршените дејствија е овозможено правните лица да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 899.999,00 денари, како и износ од 349.500,00 денари“, се вели во соопштението на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Надлежниот обвинител до Основниот кривичен суд поднесе предлог на осомничените да им бидат изречени мерки на претпазливоста заради непречено водење на кривичната постапка.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира