Зоран Милевски-Кичеец, второосомничен во случајот „Рекет“, е пуштен во домашен притвор. Кривичниот суд по добиено позитивно мислење од Обвинителството за организиран криминал, го прифати барањето на адвокатите на Кичеец да му се укине притворот во затворот во Шутка и да му се одреди мерка куќен притвор.
„По добиено позитивно мислење од Обвинителството, предлогот на одбраната да биде уважен како основан, судија на претходна постапка, согласно законските одредби, донесе решение со кое мерката притвор се укинува и се определува мерка куќен притвор. Решението е испратено до странките, а обвинeтиот ќе биде спроведен на издржување на мерката куќен притвор во неговиот дом“, се вели во соопштението од Основниот кривичниот суд Скопје.
Зоран Милевски-Кичеец заедно со Бојан Јовановски-Боки 13 беше уапсен на 15 јуни и по распитот во Основниот кривичен суд Скопје им беше одредена мерка притвор. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари.
„Рекет“ е поврзан со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и нејзиниот пријател Бојан Јовановски, кој на бизнисменот Орце Камчев наводно му зел милион и пол евра за Јанева да му даде од нов пасош, до конечно ослободување од кривична одговорност во истрагата за „Империја“, со отворање можност за спогодба за вина за да ја обештети државата, а да не лежи затвор.
А. АНТЕВСКА