ОСУДЕНИОТ ЃОКО ПОПОВСКИ ВО „ТЕНК“ СВЕДОЧИ КАКО МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ СПРОВЕДУВАЛЕ НАБАВКИ ЗА УБК ТАЈНО И БЕЗ ТЕНДЕР

    ОСУДЕНИОТ ЃОКО ПОПОВСКИ ВО „ТЕНК“ СВЕДОЧИ КАКО МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ СПРОВЕДУВАЛЕ НАБАВКИ ЗА УБК ТАЈНО И БЕЗ ТЕНДЕРСашо Мијалков беше спроведен од затворот во Шутка како притвореник по тригодишната казна за „Титаник 2“. - Мијалков на изрекувањето на казната за „Титаник 2“ (Фото: СДК.МК)

    Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски денеска во Кривичниот суд беа спроведени од затворот во Шутка, првиот како притвореник по тригодишната казна за „Титаник 2“, вториот како дел од најновата истрага на обвинителството за организиран криминал за проневера на 900.000 евра на УБК, односно на МВР. Тие се донесени за судскиот процес „Трезор“ на СЈО, за нелегалната набавка на опрема за следење на комуникациите од Велика Британија, со која буџетот го оштетиле за околу 820.000 евра.

    Но, од затворот Идризово денеска беше на ова судење донесен и Ѓоко Поповски, осуден во „Тенк“ и „Триста“, но како сведок на обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов од СЈО.

    За овој случај покрај Мијалков и Јакимовски, обвинети се и Небојша Стајковиќ и избеганиот ексначалник на Петтата управа Горан Грујевски.

    Ѓоко Поповски во сведочењето кажа дека за време на набавката на британската прислушна опрема бил помошник министер за јавни набавки во МВР, но дека набавките за УБК, биле строго доверливи и никогаш не оделе по Законот за јавни набавки, односно со тендери.

    „Менаџментот на УБК само ќе дојдеа и усно или писмено ќе ми кажеа дека треба да се набави нешто за Управата. Јас тоа барање го проследував до специјалната комисија за јавни набавки во УБК и тие купуваа што треба. Бевме заштитени со членот 7 од Законот, според кој сите набавки што се однесуваат на УБК, не подлежат на него“, го почна Поповски сведочењето.

    На претходните судења беа пуштени бомби за предметот“ Трезор“, кои најсликовито го поткрепуваат тврдењето на Поповски дека менаџментот на УБК на чело со Мијалков и Грујевски, што сакал можел тајно да набавува и притоа никому да не поднесува отчет за тоа.

    Во разговор меѓу ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за набавката на софтвер за прислушна опрема во УБК, таа потврдува дека фирмата која го добила тендерот е „Финзи“, на Коста Крпач.

    „Таа е фирмата, домашна била, Финзи. Таа е што ти се јавувале. Ете, несакајќи ќе дознаеме вака еден куп работи, хахахаха“, му вели Јанкулоска на Ставрески.

    „Јас во финансии работам и пари нема во буџетот“, коментира Ставрески за набавката од која „Финзи“ заработила незаконски 800.000 евра државни пари.

    На 9 март 2011 година обвинетиот Сашо Мијалков во разговор со брат му Влатко Мијалков кој раководеше со Царина, го информира дека на аеродром е стигната опрема за УБК.

    „Дај нека не рчкаат таму“, му вели Сашо на Влатко. „Ама системот ја става“.

    „Јави им се таму да не ја ставаат. На аеродром е. Тоа е за УБК. За нас е“, му вели Сашо на братот.

    Истиот ден тие пак се слушаат и Сашо Мијалков му прецизира на братот дека увозник на опремата е „Финзи“: „Не ја отворајте, директно кај нас носете ја. Пиши Финзи и готово“.

    Во последниот разговор со лицето Саша Глишиќ (од Царина, н.з.), Влатко Мијалков му кажува:

    „Има една фирма се вика Финзи. Тоа е за специјална опрема за МВР. Високо софистицирана опрема е, кажи им да не отвораат таму. Кажи им да не пипкаат, сензибилна е работава. Директно во УБК да ја носат“.

    Големата сума пари од МВР, односно од државниот Буџет, легнала на сметката на фирмата „Финзи“, чиј сопственик Коста Крпач беше најден застрелан уште во април лани, за време на предистражната постапка за незаконски присвоените 820.000 евра преку неговата фирма.

    Крпач во времето кога беше најден застрелан, бил сведок на Специјалното обвинителство. Претходно, пред да биде најден мртов, него го помилува претседателот Иванов.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира