Осум дена притвор доби Цуфи Кока, кој истрела од пиштол како дел од групата која завчера кај плоштадот Скендербег во Скопје ги нападна со камења, шишиња и други тврди предмети демонстрантите кои маршираа од Влада до МНР кон Собранието, соопшти Кривичниот суд. Тој е активист на Алијанса за Албанците, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски таа вечер тврдеше дека сакал да го убие. Брат му Зуди Енузи Кока е директор на „Комунална хигиена“, кого градоначакничката на Скоpје Данела Арсовска ноќта го разреши по инцидентот.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на обвинителот и определи притвор од 8 дена и за уште двајца демонстранти пред Собранието. Првиот од нив, 18-годишник, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, подготвил молотов коктел во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието. Другиот е 22-годишен скопјанец, кој за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.