Од Бригадата за противпожарна заштита на Скопје велат дека засега нема пријави за поголеми штети од силното невреме, кое околу пладне го зафати Скопје и во моментов се движи кон Куманово.
„Засега добивме пријави за паднати дрвја, но пријави за посериозни штети нема. Пративме екипи кон Аеродром и Стајковци, бидејќи сега невремето оди кон тој дел од Скопје“, вели Звонко Томески, командант на Противпожарната бригада.
Од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија велат дека Скопје е зафатено од зголемена облачност, со пороен дожд и грмежи.
„Нестабилна вoздушна маса од запад се движи кон исток и ја зафати скопската котлина, и дува засилен ветер, кој повремено достигнува брзина од 80 километри на час. Нестабилноста и натаму трае и се движи на истокот од Скопје и продолжува кон Куманово и северната граница“, велат од УХМР.
Од УХМР велат дека до крајот на денот времето ќе биде нестабилно со дожд, а поинтензивни врнежи ќе има на истокот од земјата.
„Нестабилноста ќе продолжи и утре, но поинтензивни врнежи ќе има во планинските региони. До среда ќе растат температурите и на југоистокот во среда ќе достигне максимална температура од 36 целзиусови степени. Во среда повторно ќе има поголема нестабилност на повеќе места и потоа ќе биде посвежо“, велат од УХМР.