ОТКАКО СУГАРЕСКИ ГИ ИСКАРА, ГРАДЕЖНИОТ ИНСПЕКТОРАТ МУ ПИША НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БЕЏЕТИ ДА ПОСТАПИ СО ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА

    ОТКАКО СУГАРЕСКИ ГИ ИСКАРА, ГРАДЕЖНИОТ ИНСПЕКТОРАТ МУ ПИША НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БЕЏЕТИ ДА ПОСТАПИ СО ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКАДржавниот инспекторат минатиот петок се прогласи за ненадлежен за Матка оти станувало збор за платформи и монтажни објекти кои биле од локално значење, но денеска изјавија дека постапиле според законските одредби.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам му испратил писмо на градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети, локалните власти да излезат на терен и да постапат со дивите платформи на Матка. Инспекторатот вчера испратил барање откако во саботата министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече ако Општина Сарај не ги урива дивите платформи на Матка, тогаш Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам мора да постапи.

    Државниот инспекторат минатиот петок се прогласи за ненадлежен за Матка оти станувало збор за платформи и монтажни објекти кои биле од локално значење, но денеска изјавија дека постапиле според законските одредби.

    „Инспекторатот ја следи ситуацијата во врска наведените објекти. Достави писмено барање до градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети за постапување согласно позитивните законски прописи. По добивањето на бараните податоци, инспекторатот ќе постапи согласно одредбите од Законот за градење и другите законски прописи“, велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

    Според Законот за градба ако овластениот градежен инспектор во Општина Сарај не постапува, тогаш градежниот инспекторат од Државниот градежен инспекторат треба на лице место да ја констатира ситуацијата. Тој врши увид во работата дали постапил или не инспекторот на Општина Сарај. Доколку не постапил со записник се известува Министерството за транспорт и врски и тоа назначува инспектор кој понатаму постапува до извршување.

    Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети уште не ги урива дивоградбите во Матка, и најави дека ќе бара правно решение за нив. Беџети му порача на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој побара од него да ги урне платформите, да не му се меша во работа и да ги гледа неговите надлежности.

    Кањонот Матка е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата. Тоа значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира