Љупчо Палевски, првообвинетиот за киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на велешанецот Панче Жежовски, најверојатно во Скопје ќе пристигне вечерва со авион од Истанбул. Надлежните ниту ја потврдуваат, ниту ја негираат информацијата, велат можеби ќе дојде вечерва, а можеби утре. Од МВР, надлежни да го спроведат транспортот заедно со полицијата од Турција, велат ќе известат штом ќе дојде, но од безбедносни причини не кажуваат кога.
Не знаат ни во затворот „Шутка“ во Скопје кога ќе дојде Палевски, кој треба право таму да биде однесен, а не пред суд. Веднаш му стапува мерката притвор од 30 дена, што му е одредена претходно.
На 30 април Министерството за правда соопшти дека Турција дозволи екстрадиција на Палевски.
Во притворскиот затвор во Шутка месец и пол била спремна посебната соба за Палевски. Тој ќе биде под посебно обезбедување, во засебна ќелија преку која се доаѓа преку посебен ходник.
Првин ќе биде прегледан од лекар за да не има повреди, односно ќе му се направи детален медицински преглед. Храната ќе му биде посебно проверувана, а еднаш во денот на одредена минутажа ќе шета на сам, на посебен отворен простор врзан за засебната ќелија. Нема да јаде и да се шета со другите притвореници, од безбедносни причини, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од затворот.
На прашање дали ќе му бидат дозволени посети, надлежните во затворот велат: „Секако, сè што ќе биде дозволено од Основниот кривичен суд Скопје, ќе му биде овозможено на екстрадираното лице. Ништо повеќе, ништо помалку“.
Љупчо Палевски со прекар Палчо, е првоосомничен во групата дека ги организирал грабнувањата и дека лично со пиштол ги убил Вања Ѓорчевска од Скопје на 27 ноември и Панче Жежовски од Велес на 22 ноември. Ѓорчевска е убиена па закопана близу Скопје, а Жежовски близу Велес.
Тоа утро, Ѓорчевска била грабната на излегување од дома, во влезот на зградата, ѝ биле врзани рацете и нозете, била ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек. Киднаперите претходно вечерта од таткото биле информирани дека Ѓорчевска ќе оди на училиште сама и кога ќе излезе. Девојчето било киднапирано со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол.
Палевски избега, но на 5 декември беше уапсен во Турција. Тој се екстрадира за истрага за кривични дела Грабнување и Убиство, која ја води Скопското обвинителство.
За двата свирепи случаја се осомничени уште 5 лица. Тројца од нив (В. М., В. К. и Б. В.) се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за киднапирање на ќерка си, додека С. Д. е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Љупчо Палевски. Тројца од нив се во притвор.
На 25 април, Врховниот суд му ја преиначи мерката притвор во куќен притвор на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.
Сите осомничени кои ги гледале и присуствувале на свирепите убиства, дале идентични изјави во истрагата, како за убиецот, така и за двата настана, од почеток до крај.
С. К. ДЕЛЕВСКА