Техничкиот премиер Оливер Спасовски в четврток закажа средба со лидерите на политичките партии заради коронавирусот и евентуално одложување на изборите доколку дојде до негово ширење. Од Владата велат дека на координацијата кај Спасовски се поканети лидерите и плус уште еден претставник на партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
„Координација на претставници на политичките партии е закажана во врска со реализацијата на владините мерки за справување со коронавирусот“, изјавија од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК
Вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференцијата за објавување на носителите на листите и кандидатите за пратеници, кажа дека не сака да дава хипотетички одговори дали треба да се одложат изборите заради коронавирусот
„Имаме лидерска средба закажана в четврток, да разговараме за ова што денес е реалност односно за КОВИД-19, па дури потоа ќе можеме да носиме заклучоци што и како“, рече Мицкоски.
Во Владата се одржа брифинг со главните уредници на дваесетина медиуми на кој се отвори и прашањето дали ширењето на заразата може да ги одложи изборите на 12 април.
„Ако дојде до зголемување на бројот на случаи ќе се преземат и други дополнителни мерки како што е прогласување кризна состојба, но засега нема потреба од тоа. Состојбата се следи и во моментов најважно е да се спречи натамошното ширење на вирусот“, одговорија од Владата.
Предвремените парламентарни избори се закажани за 12 април, а почетокот на изборната кампања е на 23 март.
А. АНТЕВСКА