ПАТНИЦИТЕ ОД СЕВЕРНА ИТАЛИЈА ЌЕ СЕ ПРОПУШТААТ САМО НА ПЕТ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ, УТРЕ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА ДА СЕ ОДЛОЖАТ ЕКСКУРЗИИТЕ

    ПАТНИЦИТЕ ОД СЕВЕРНА ИТАЛИЈА ЌЕ СЕ ПРОПУШТААТ САМО НА ПЕТ ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ, УТРЕ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА ДА СЕ ОДЛОЖАТ ЕКСКУРЗИИТЕМинистерството за здравство апелира граѓаните доколку немаат потреба да ги одложат патувањата во северна Италија. Утре на седница на Владата ќе се дискутира да се одложат сите организрани посети во овој регион од страна на државните институции. - Од денешната фреквенција на Меѓуградската автобуска станица во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Патниците кои во државава ќе доаѓаат од критичните предели на северна Италија ќе се пропуштаат само на неколку гранични премини: Богородица, Блаце, Деве Баир, Ќафасан и Табановце со цел да биде посконцентрирана контролата и да има време да се организираат здравствените работници, рече министерот за здравство Венко Филипче по состанокот на Управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи.

    Единаесет градови во северна Италија од вчера се затворени поради коронавирусот, починаа пет лица , а 219 се заразени. На глобално ниво има 2.592 починати, и над 79 илјади заразени.

    Министерот кажа дека согласно засилените мерки кои беа објавени утрово, ќе има засилена контрола на аеродромите во Скопје и во Охрид, и дека патниците од двата лета кои денес се очекуваат од Милано во двата града, ќе бидат детално интервјурани и прегледани ако треба.

    Филипче кажа дека е формиран Кризен штаб во Министерството за здрaвство кој секој ден ќе информира за состојбата со коронавирусот, дека се обезбедени простори во Инфективните одделенија во болниците во Штип, Велес и Гостивар, и во координација со Министерството за внатрешни работи ќе се обезбеди бројка на полицајци, кои, доколку се јави потреба, ќе ги мониторираат тие пациенти.

    „Го повторуваме апелот за граѓаните доколку немаат потреба да ги одложат патувањата во северна Италија. Утре на седница на Владата ќе се дискутира да се одложат сите организирани посети во овој регион од страна на државните институции“, рече Филипче.

    Министерот додаде дека тестовите од тројцата кинески државјани кои пристигнале денеска за ангажман за кинеската компанија „Синехидро“ која го гради автопатот Кичево-Охрид се негативни, но дека како превентивна мерка ќе бидат 14 дена во изолација во Кичево, исто како двајцата Кинези кои дојдоа минатата недела.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира