ПАЦИЕНТИ СО СКРШЕНИЦИ ГИ ШЕТААТ НИЗ СКОПЈЕ ОТИ ВО БИВША ГРАДСКА БОЛНИЦА СЕ РАСИПАЛ РЕНТГЕНОТ

    ПАЦИЕНТИ СО СКРШЕНИЦИ ГИ ШЕТААТ НИЗ СКОПЈЕ ОТИ ВО БИВША ГРАДСКА БОЛНИЦА СЕ РАСИПАЛ РЕНТГЕНОТ„Точно е дека рентген апаратот не работи, се расипа пред десетина дена. Работиме на тоа да го поправиме, а во меѓувреме на пациентите на кои им е потребна операција под рентген ги препраќаме“, вели д-р Иван Спировски, директор на клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (Фото: М. Златевска)

    Пациенти со скршеници и трауматолошки повреди ги шетаат од една во друга болница во Скопје додека да ја добијат потребната здравствена грижа, затоа што постојано се случува или да не работи рентген апаратот или компјутерскиот томограф во некоја од трите јавни здравствени установи во кои се примаат итни случаи.

    Последниве десетина дена не работи рентген апаратот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, и итните случаи ги препраќаат во градската општа болница „8-ми Септември“. Во „8-ми Септември“, пак, ако нема место да го хоспитализираат пациентот бидејќи е пребукирана, го препраќаат во Ургентниот центар на скопските клиники.

    Од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ велат дека рентген апаратот е расипан десетина дена, а дека компјутерскиот томограф сега работи.

    „Точно е дека рентген апаратот не работи, се расипа пред десетина дена. Работиме на тоа да го поправиме, а во меѓувреме на пациентите на кои им е потребна операција под рентген ги препраќаме или во ‘8 Септември’ или на клиника. Останатите скршеници за кои операцијата може да се изведе без рентген ги правиме“, вели д-р Иван Спировски, директор на „Св. Наум Охридски“.

    Тој додава дека во просек имаат вакви три до четири случаи дневно.

    „Има денови кога нема ни еден пациент кому му е потребна операција под рентген, а има денови и кога имаме и по пет. Останатите ги оперираме и болницата е полна. Компјутерскиот томограф точно е дека не работеше, но го поправивме и од пред две недели работи“, вели д-р Спировски.

    Пред две недели во исто време не работеа компјутерските томографи и на Клиниката за радиологија и во „Св. Наум Охридски“. Сите итни или приоритетни пациенти беа препратени на снимање во „8 Септември“ , од каде постојано реагираат дека нивниот радиолошки оддел е пребукиран со снимања и дека работат во три смени.

    Д-р Кристијан Костов, директор на „8 Септември“, вели дека се трудат да ги примат сите пациенти кои ќе дојдат кај нив, но дека за жал капацитетот на болницата е целосно исполнет. Тој рече дека повторно на клиника не работи компјутерскиот томограф и магнетната резонанца и дека сите пациенти од таму ги препраќаат кај нив.

    „Со снимањата веќе не може да издржиме. Цела Македонија е кај нас препратена. Одделението за ортопедија има 30 кревети и полно е. Дел од итните пациенти ги оперираме и ако нема место на ортопедија ги сместуваме по другите оддели, а потоа ги префрламе на ортопедија. Болницата има вкупно 340 кревети, а полни се 320, има по некој слободен на психијатрија и на очно. Сепак, пациенти со тешки трауми не може секаде да сместиме“, вели д-р Костов.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари