Пет санитетски возила од Армијата од денеска се отстапени на Брзата помош во Скопје, за транспорт на болни од ковид-19 во болниците. Дополнително, како што кажа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, уште две возила ќе бидат дадени на службите за Брза помош во внатрешноста.
„Ова се возила коишто ги користи Армијата и сметаме дека во овој момент треба да се насочат кон приоритетот број еден, а тоа е борбата против ковид-19 и обезбедувањето поголеми можности на Брзата помош во главниот град каде што се чувствува и најголемиот притисок“, рече Шекеринска.
Во изминатите 24 часа, во ковид-центрите во Скопје се примени 38 пациенти со симптоми на ковид-19, со што бројката на хоспитализирани пациенти во скопските болници се искачи на 382. Од Министерството за здравство велат дека иако капацитетите се генерално исполнети, слободни места за да се примат нови болни има.
„Притисокот кон здравствениот систем е огромен, многу често се наметнува потреба од брз транспорт на пациентите до болничка установа. Во изминатиот период го зголемивме бројот на болнички возила. Оваа помош е драгоцена и ќе биде многу важна, заради тоа што ќе го зголеми бројот на тимови кои ќе бидат на располагање за транспорт на пациенти заедно со транспортните вентилатори кои ги добивме како помош од НАТО“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Во земјава вкупно во болница се лекуваат 1.079 болни од ковид-19.
А. АНТЕВСКА