Кривичниот судски совет на Одделот за организиран криминал му одреди нови 30 дена притвор на бизнисменот Орце Камчев како главен осомничен преку кого бившиот премиер Никола Груевски ги перел парите од партиските членарини и си купил над еден хектар плацеви, шума и нетрансформирано градежно земјиште на Водно.
Со оглед на тоа дека Камчев беше притворен на 14 март, тој од неделава ќе почне да го тера четвртиот месец во Шутка. Беше притворен поради опасност од бегство, уништување на докази во постапката, влијание врз сведоците…
За оваа истрага надлежниот обвинител Лиле Стефанова од ОЈО за организиран криминал и корупција поднесе обвинение на 12 мај. На прашање, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска ни одговори дека обвинението уште не е оценето од судот.
Покрај Камчев, уште еден обвинет во „Плацевите на Водно“, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, е во притвор. Главниот обвинет Никола Груевски е на слобода, откако избега и ужива политички азил во Унгарија. И реобновените барања за негова екстрадиција ги одбија унгарските власти.
Груевски е обвинет за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот, бидејќи според обвинението, ги ограбил своите сопартијци милион и триста илјади евра што ги имале уплатено како членарини во ВМРО-ДПМНЕ. Камчев и уште тројца, пак, се обвинети за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, додека Мијалков е обвинет за помагање при кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
С. К. ДЕЛЕВСКА