ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ОД УНЕСКО ЗА ОХРИД ВЛАДАТА ВЕЛИ ЌЕ ИНСИСТИРА ДА СЕ УРНАТ СИТЕ ДИВОГРАДБИ

    ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ОД УНЕСКО ЗА ОХРИД ВЛАДАТА ВЕЛИ ЌЕ ИНСИСТИРА ДА СЕ УРНАТ СИТЕ ДИВОГРАДБИОд УНЕСКО покрај уривање на сите дивиградби бараат и забрана за градба< - Дивиот хотел во Лагадин. (Фото: СДК.МК)

    По извештајот на УНЕСКО во кој состојбата во Охридскиот Регион е најлошо оценета досега, денеска премиерот Зоран Заев имаше средба со дел од министерите во Владата. На состанокот на кој се разгледуваше извештајот кој кажува дека во Охрид владее урбанистички хаос што го загрозува и уништува живиот свет, покрај премиерот Заев присуствуваа  вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерката за култура Ирена Стефоска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Македонски железници – Инфраструктура Хари Локвенец.

    Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата премиерот Заев кажал дека ‘нацрт извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден, до сега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот Регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат Охридското Езеро‘.

    Како и неколкупати досега, и после денешната средбата од Владата велат дека сите објекти кои се наоѓаат во заштитениот појас треба да се урнат.

    „Беше потенцирано дека Владата ќе инсистира на завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти кои се опасност за Охридскиот Регион и за таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото како што се, на пример, проектите на Субрата Рој и Владата до 2016 година, Љубаништа 1 и 2“, се вели во соопштението од Владата.

    На состанокот било договорено да продолжи координацијата меѓу надлежните институции со забрзано темпо и до УНЕСКО да биде доставен соодветен одговор по однос на алармантниот драфт извештај, а штом се заврши темелната анализа сите наоди ќе бидат презентирани пред јавноста од страна на премиерот и сите останати релевантни носители на јавни функции.

    Отстранување на дивопоставените објекти вдолж брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, се само дел од забелешките нотирани во најновиот обемен Извештај на УНЕСКО. УНЕСКО бара и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет.

    Според еколозите, сѐ поизвесно е дека Охрид ќе се најде на листата на заштитено подрачје во опасност што пак од друга страна би значело користење на стручна помош, искуства и механизми на УНЕСКО.

    Според правилата на УНЕСКО, Листата на загрозено светско наследство е создадена да ја информира меѓународната заедница за условите кои ја загрозуваат специфичната особеност поради која еден регион или место е ставен на Листата за светско наследство, а и за да охрабри корективна акција. Ставањето на Листата на загрозено светско наследство му овозможува на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на загрозеното место даде му даде итна помош од Фондот за светско наследство. Тој ја информира и меѓународната заедница за ваквите состојби, со надеж дека ќе се здружат силите за да се спасат загрозените места. Ставањето на Листата загрозено наследство овозможува светската заедница за заштита да преземе специфични мерки за заштита и тоа на ефикасен начин. Се разбира, досега се покажало дека со самите изгледи едно место да се стави на Листата зегрозено наследство веќе се иницирала итна акција за заштита.

    Со вбројувањето на едно место на Листата загрозено наследство, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во консултација со владата за загрозениот регион, треба да развие и усвои програма за корективни мерки и потоа да врши мониторинг на состојбата на терен. Сите активности треба да се преземат за да се обноват загрозените вредности на местото, за да се овозможи тоа во најкус можен рок д биде тргнато од Листата на загрозено наследство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира