ПО ЗАБРАНАТА ЗА УВОЗ НА ОТПАД ЗА ГОРИВО, ЦЕМЕНТАРНИЦА ЌЕ ГОРИ НАФТА И ЈАГЛЕН

    ПО ЗАБРАНАТА ЗА УВОЗ НА ОТПАД ЗА ГОРИВО, ЦЕМЕНТАРНИЦА ЌЕ ГОРИ НАФТА И ЈАГЛЕНСкопската „Цементарница-УСЈЕ“ за своите технолошки процеси отпадот досега го користеше во само 4 проценти како замена за конвенционалните видови горива како нафта и јаглен; - Од еко протестот пред Цементарницата на 5 февруари. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Откако Собранието на 5 февруари го изгласа Законот за забрана на увоз на отпад кој може да се согорува и користи како гориво, сè уште нема прецизни анализи какви ќе бидат ефектите од оваа забрана. Најголем корисник на отпад како енергенс во државава е скопската Цементарница „Титан-УСЈЕ“, која е ограничена дека од вкупното гориво кое го користи 35 проценти треба да е алтернативно. Но и таа отпадот, односно РДФ горивото, досега го користеше во само 4 проценти како замена за конвенционалните видови горива како нафта и јаглен за своите технолошки процеси.

    „УСЈЕ ќе ги почитува одредбите од Законот за отпад што беа усвоени и нема да користи алтернативно гориво од увоз кое и досега беше само 4 % од вкупната количество енергенси што ги користиме. Ќе продолжиме со користење на конвенционално гориво во нашата работа, како и алтернативно гориво од земјава, односно оризова арпа од Кочанско, која успеваме да ја набавиме во многу мали количини, се вели во изјавата за МЕТА.МК од скопската Цементарница.

    Од „УСЈЕ“ велат дека иако овие измени се донесени со цел ја подобрат состојбата со животната средина, тие воопшто нема да придонесат, како и дека пред овие промени Законот целосно бил услогласен со регулативите на ЕУ, а сегашните измени допрва повторно треба да се усогласуваат со ЕУ легислативата.

    Граѓанските здруженија вршеа силен притисок за воведување на забрана за увоз на отпад откако во јавноста се појавија докази дека во Македонија се согорува отпад и тоа се поврзува со загадувањето на воздухот. Последен од неколкуте протести на граѓаните и еко-активистите се случи на 5 февруари токму пред Цементарницата, само неколку часа пред да биде донесена забраната.

    РДФ отпадот наменет за гориво за фабриката „УСЈЕ“ не е опасен и е во согласност со европските стандарди, покажаа резултатите од лабораториското испитување на мострите во Естонија. На 29 јануари Државниот инспекторат за животна средина, Министерството за животна средина и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 15 камиони со РДФ отпад од Италија. Камионите беа запрени на влез на граничниот премин Богородица. Од отпадот беа земени мостри, а со цел поголема веродостојност на резултати, земените мостри беа доставени до Истражен центар за животна средина во Естонија.

    „Врз основа на резултатите од анализата на двете мостри од РДФ отпад направени во независната лабораторија на Естонија потврдено е дека испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во Европскиот стандард за Цврсти обновени горива“, велат од Министерството за животна средина.

    „Резултатите од вонредната контрола на алтернативното гориво за потребите на нашата компанија уште еднаш докажаа дека ‘Цементарница УСЈЕ’ работи според највисоките европски и домашни стандарди и дека употребува гориво кое е еколошки безбедно. Потврдата од независната лабораторија од Естонија исто така покажа дека сите спротивни тврдења искажани во јавноста се комплетно неосновани и шпекулативни и дека, за жал, воопшто немаат за цел да се идентификуваат вистинските и реални причинители на состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје“, соопшти по добиените резултати Цементарницата и ги повика да ја посетат „граѓаните, граѓанските здруженија и невладиниот сектор кои се заинтересирани за аргументиран и одговорен дијалог и да ги добијат информацииите засновани на факти“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира