ПОЧИНА ИЛИНКА МИТРЕВА, ПОРАНЕШНА ПРАТЕНИЧКА И МИНИСТЕРКА ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

    ПОЧИНА ИЛИНКА МИТРЕВА, ПОРАНЕШНА ПРАТЕНИЧКА И МИНИСТЕРКА ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИПрофесорката Митрева беше една од основачите на СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    Илинка Митрева, поранешна пратеничка од редовите на СДСМ и министерка за надворешни работи, почина вчера во Скопје, соопшти партијата. Имаше 72 години.

    Д-р Митрева ќе остане запаметена како голема дама на македонската дипломатија, исклучителна по ерудицијата и изразот.

    Беше професорка по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, и пратеничка од 1994 до 2001 каде беше претседателка на собраниската Комисија за надворешна политика и шефица на Делегацијата на Македонија во Парламентарната димензија на Централно европската иницијатива, шефица на собраниската Група за соработка со Европскиот Парламент и членка на Иницијативниот одбор за создавање клубови на НАТО. Министерка за надворешни работи беше во 2001 и потоа од 2002 до 2006.

    Митрева трипати беше одликувана со француски ордени за нејзините особени заслуги во развојот на односите меѓу Македонија и Франција.

    „Како еден од основачите на партијата, Митрева го трасираше патот до она што СДСМ е денес, одговорна, државотворна партија. Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои беа полни со сериозни предизвици. Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните“, соопшти СДСМ.

    Сочувство изрази и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изразувајќи длабоко жалење за смртта и упатувајќи искрено сочувство до семејството и најблиските.

    „Илинка Митрева како поранешен пратеник, министер и политички и општествен чинител беше дел од поновата македонска историја. Таа делуваше во времињата кога без разлика на концептуалните и идеолошки разлики се опстојуваше од сите во промоција и заштита на националните и државни интереси на Република Македонија. Нека почива во мир!“, соопшти партијата.

    Сочувство изразија и претседателот Стево Пендаровски, премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и Министерството за надворешни работи.

    Митрева е сопруга на сликарот Илија Пенушлиски и мајка на адвокатот Илија Митрев Пенушлиски кој живее во Париз. Ќерка е на на Димитар Митрев, легендарниот книжевен критичар и есеист, академик и професор на скопскиот Филозофски факултет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира