ПОЧИНАТИОТ ЗАТВОРЕНИК НА ОБДУКЦИЈА, СЕ ИСПИТУВА КАКО ГО ТРЕТИРАЛА ЗАТВОРСКАТА АМБУЛАНТА

    ПОЧИНАТИОТ ЗАТВОРЕНИК НА ОБДУКЦИЈА, СЕ ИСПИТУВА КАКО ГО ТРЕТИРАЛА ЗАТВОРСКАТА АМБУЛАНТАНародниот правобранител Иџет Мемети

    Телото на 46-годишниот затвореник Златко Шеќероски од Радожда, кој почина завчераноќ во затворот Идризово, е веќе предадено на обдукција во Институтот за судска медицина, за да се утврди причината за неговата смрт. Ќе се испитува и точно каде и кога умрел, бидејќи според семејството, кое се повикува на неговите цимери затвореници, Шеќероски починал во ќелијата, а според директорот на Идризово Живко Пејковски, на пат за болница.

    Во Идризово утрово е и екипа од кај Народниот правобранител, која исто така го испитува овој случај. Од здравствениот картон на Шеќероски ќе гледаат од што боледувал, на што се жалел и дали му била пружана лекарска помош во затворската амбуланта. Потоа, Народниот правобранител ќе отвори постапка за овој случај.

    “Ние овој случај ќе го тераме до крај. Ако утврдиме дека постојат основани сомненија за одговорност на управата на затворот Идризово, или за нефункционалност на тамошната здравствена служба, Народниот правобранител ќе бара и кривична одговорност“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Омбудсманот Иџет Мемети.

    Затвореникот, според тврдењето на семејството, починал откако лекарот во амбулантата му рекол дека не му е ништо и го пратил назад во ќелијата. Тој неколкупати претходно се жалел дека не се чувствува добро, но според семејството, медицинска помош не му била пружена.

    Починатиот затвореник бил повратник во затворот осудуван за дрога, а во Идризово примал метадонска терапија и се лечел од хепатит.

    Мемети вели дека веќе две и пол години укажува оти здравствен систем во затворите не постои, тој е колабиран и закопан, како што е наведено во неговите извештаи. Вели дека „ако до пред две години предупредувавме дека системот за лекарска грижа во затворите е лош и нефункционален и не ѝ пружа здравствени услуги на затворската популација, сега можеме да кажеме дека тој систем воопшто не постои“.

    “Со измените на Законот за извршување здравстевниот систем во затворите требаше да премине во јавното здравство. Од измената на законот до денеска, ништо не е направено“, открива Омбудсманот Иџет Мемети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира