Вакцинацијата против ковид-19 со „АстраЗенека“ на лица над 77 години почна денес во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци. Со оваа вакцина почнува масовната имунизација против ковид-19 во земјава, а се однесува на граѓани кои се опфатени во првата фаза и спаѓаат во групата 1Б, од Националната стратегија за ковид имунизација. Во неделата во земјава стигнаа 24.000 вакцини на „АстраЗенека“, а за лицата над 75 години ќе се искористат 20 илјади.
Лица помлади од 60 години во земјава нема да се вакцинираат против ковид-19 со вакцината на „АстраЗенека“, кажа синоќа министерот за здравство Венко Филипче во емисија на ТВ21, откако вчера Канада ја суспендираше употребата на оваа вакцина за лицата под 55 години, а Германија за лица под 60 години, врз основа на моментално достапните податоци за појава на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со тромбоза. Филипче кажа дека денеска тоа и ќе го официјализираат.
- ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА СЕ ДАВА НА ПОМЛАДИ ОД 60 ГОДИНИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ
- Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово ,Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.
- Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок.
- Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спрoведува вакцинација против ковид-19.
- До крајот на оваа и за следната недела, на територијата на цела држава пуштени се 9.577 термини, а досега закажани се 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст, вели Министерството за здравство.
- Досега во земјава со „Фајзер“ и „спутник“ се вакцинирани 7.005 лица, односно, здравствени работници од Ковид-центрите. Министерството сѐ уште нема податоци колку македонски граѓани се вакцинираа во Србија.
- Поради суспензијата за давање на оваа вакцина на лица под 60 години неизвесно е дали ќе се оствари планот четири илјади вакцини од пратката од 24.000 дози од „АстраЗенека“ од почетокот на следната недела да се употребат за вакцинација на критичната државна инфраструктура во земјава. Во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се најизложени на ризик а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП „Скопје“, пожарникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините.
- Се подготвува Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, каде ќе има 30 позиции за вакцинирање против ковид-19. Таму ќе бидат поставени лекари и медицински сестри од Здравствен дом Скопје.
- Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека во април се очекуваат вакцини од повеќе места, т. е. втората доза од „АстраЗенека“, односно 76 илјади дози преку Ковакс-механизмот, како и вакцините од Кина.
Б. НЕСТОРОСКА