Владата почнува со кампања „Вакцинирај се“ за да се поттикнат граѓаните масовно да се вакцинираат и да се спречат лажните вести на антиваксерите. Како што кажаа на денешната прес-конференција прмиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче оваа кампања треба да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат оти тоа е единствен начин да се стави крај на вирусот.
„Новиот сој на ковид-19 кој доведе до четвртиот бран на вирусот како и антиваксерските движења кои шират лажни вести и ги збунуваат граѓани се причина за ваквата кампања. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и смртни случаи. Да ја прифатиме и да се отповикаме на повикот за масовна вакцинација, за да можат децата да тргнат на училиште, да се вратат артистите на сцените, да заживее економијата, да почнеме пак нормално да живееме. Кампањата има за цел да им го сврти вниманието на граѓаните да бидат внимателни кога до нив пристигнуваат вести кои не се вистинити“, рече премиерот Зоран Заев.
Министерот Венко Филипче кажа дека статистиките кои ги правеле покажале дека во градовите каде има висока стапка на имунизација како што се Битола, Охрид, и Гевгелија, нема притисок на болниците, а онаму каде граѓаните не се вакцинираат како што е Тетово и Гостивар болниците се преполни и има голем број смртни случаи.
„Изминатиов период со појава на новиот бран од 101 починат пациент, 92 не биле вакцинирани, а само 9 примиле вакцина, но биле со хронични заболувања. Вакцината е најсилното оружје за борба против вирусот, сите вакцини се безбедни и го намалуваат ризикот од тешка форма на болеста“, рече Филипче.
Заев и Филипче апелираа да се вакцинираат младите кои во голем процент не се вакцинирани и кажаа дека мерките кои ги воведоа со забрана за влез во кафулиња и кафеани дале резултат и зголемен е бројот на имунизирани граѓани.
Досега во земјава аплицирани се 1.600.000 вакцини.
А. АНТЕВСКА