ПОДДРШКАТА НА МАКЕДОНИЈА ЗА НАТО Е ВАЖНА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, НО И ЗА ЕВРОПА, ВЕЛИ КОМАНДАНТОТ НА НАТО ЗА ЕВРОПА СКАПАРОТИ

    ПОДДРШКАТА НА МАКЕДОНИЈА ЗА НАТО Е ВАЖНА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, НО И ЗА ЕВРОПА, ВЕЛИ КОМАНДАНТОТ НА НАТО ЗА ЕВРОПА СКАПАРОТИКомандантот на Командата на американската војска во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти беше пречекан од министерката за одбрана Радмила Шекеринска на платото пред министерството. (Фото: К.Попов)

    Со нетрпение очекувам да станете 30. членка на НАТО, изјави командантот на Командата на американската војска во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти.

    Генерал Скапароти рече дека континуираната поддршка на Македонија на Алијансата е важна не само за Западен Балкан, туку и за цела Европа.

    „Преку вашето долгогодишно партнерство со НАТО, вашата земја веќе постигна значителен напредок во одбранбените реформи и воената интероперативност со сојузниците. Препознавајќи ја историската покана на сојузниците за почеток на пристапните преговори со НАТО препознаваме и уважуваме дека предизвиците остануваат пред вас, но претстои и многу работа. Во исто време со нетрпение очекуваме да дадеме и практична поддршка на вашите воени авторитети во процесот на пристапување. Убедени сме дека адресирањето на овие предизвици и успешното пристапување кон Алијансата ќе имаат исклучителна полза за вас. Земјите кои се приклучиле на Алијансата успеале да ја зајакнат својата демократија, да ја унапредат безбедноста и да го направат животот на нивните граѓани посигурен“, изјави Скапароти.

    Министерката за одбрана Шекеринска рече дека посетата на генерал Скапароти покажува колку работите се менуваат по 11 јули, кога Македонија ја доби поканата за НАТО.

    „Денеска сме домаќини на првиот воен претставник на НАТО во Европа, кој за првпат престојува во Македонија. Оваа засилена динамика, ја манифестира цврстата решеност Македонија во еден брз и интензивен процес да стане 30. членка на НАТО“, кажа Шекеринска.

    Министерката Шекеринска потенцираше дека по две и пол децениска определба на граѓаните за членство во НАТО, ќе се потврди на референдумот на 30 септември.

    „На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на Република Македонија, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, членство во НАТО и ЕУ или уште една изгубена деценија“, изјави Шекеринска.

    Командантот на НАТО за Европа генерал Скапароти заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на АРМ, Методија Величковски, ја следеа показната вежба на војници на АРМ во касарната „Илинден“ во Скопје.

    Генерал Скапароти се сретна и со премиерот Зоран Заев.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари