ПОЛИЦИЈАТА НАШЛА ПИШТОЛ И ДРОГА ПРИ КОНТРОЛАТА НА ДИСКОТЕКИ ВО СКОПЈЕ, ПОВРЕДЕНИ И ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ

    ПОЛИЦИЈАТА НАШЛА ПИШТОЛ И ДРОГА ПРИ КОНТРОЛАТА НА ДИСКОТЕКИ ВО СКОПЈЕ, ПОВРЕДЕНИ И ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИВо официјалното соопштение, МВР вели и дека се уапсени двајца напаѓачи на полицијата која им асистирала при контролата на инспекторите од Пазарна и Трудова инспекција и од Управата за јавни приходи, а двајца полицајци се повредени (Фото: Фејсбук)

    Полноќната полициска акција која траела до три изутрина во седум објекти, дискотеки и останати локали во Градскиот парк во Скопје, резултирала со приведување на два госта, на А. И. кај кого бил најден пиштол со 10 куршуми и И. Р. со паковка прашкаста материја кај себе, и со приведување на Огнен Узуновски-Оги,  сопственик на „Сектор 909“, соопшти МВР.

    Во официјалното соопштение МВР наведува и дека се уапсени двајца напаѓачи на полицијата која им асистирала при контролата на инспекторите од Пазарна и Трудова инспекција и од Управата за јавни приходи. Тие на двајца полицајци им нанеле лесни телесни повреди и против нив се поднесени кривични пријави за напад на службено лице. Тимот легитимирал 21 лице.

    Полицијата вели дека Узуновски (44) од Скопје, сопственик на дискотеката „Сектор 909“, одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротиставил на контролата.

    Во еден од објектите биле затеканати и шест малолетници лица кои се приведени во полициската станица Карпош заради утврдување на идентитетот. Кај пет лица кои работеле како обезбедување било утврдено дека не поседуваат лиценци. Од Државниот инспекторат за труд, во сите контролирани угостителски објекти констатирано било дека работат без соодветна документација за вршење на угостителска дејност издадена од Министерство за економија, додека од УЈП во два угостителски објекти констатирана била разлика во прометот во готово и прометот во фискалните каси. Поради ова, на овие угостителски објекти им била изречена забрана за вршење дејност во траење од 15 денови.

    „Ако се воочат евентуални недоследности, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе превземе соодветни мерки“, се наведува во соопштението на МВР.

    Огнен Узуновски-Оги, сопственик на дискотеката „Сектор 909“, кој беше и активен учесник во протестите на Шарената револуција, на својот фејсбук профил објасни што се случило при котролата на полицијата:

    „Вчера околу 02:00 по полноќ во ‘Сектор 909’ влегоа полицајци, алфи, специјалци (наоружани сериозно), инспекции (сите можни). Нè тераа да изгасиме музика за да направеле проверка, само 5 минути, ми викаа (јас не се согласив) зашто тоа е исто како на концерт да дојдат кај Тамара, на пример, и да речат нека престане да пее проверка да напрајме па нека продужи. Едниот од униформираните полицајци дрско влезе во Dj-кабина и почна кабли да влече да прекине музика, дечките прекинаа, тој им зема лични карти и ги запишуваше со изгасната музика пред полн подиум, јас на тоа не можев да ќутам и пуштив музика, одма после тоа бев уапсен (спектакуларно) пред цела публика“, вели Узуновски.

    За ова утринава реагираше Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови слободи и права која најави дека Хелсиншкиот комитет ќе бара одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотеки полни со луѓе.

    „Ќе се постави и прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност!“, напиша Пировска на нејзиниот фејсбук профил.

    Комитетот ги повика сопствениците на дискотеките и граѓан(к)ите кои биле присутни и кои ги посведочиле настаните да поднесат претставка таму и во внатрешната контрола на МВР.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира