ПОЛИЦИЈАТА ПРЕД СОБРАНИЕ ВО 18.30 БЕШЕ ЗБУНЕТА, ЈАС ДАДОВ КОМАНДА ВО 20.07 И ГИ СПАСИВ ПРАТЕНИЦИТЕ, РЕЧЕ ЧАВКОВ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    ПОЛИЦИЈАТА ПРЕД СОБРАНИЕ ВО 18.30 БЕШЕ ЗБУНЕТА, ЈАС ДАДОВ КОМАНДА ВО 20.07 И ГИ СПАСИВ ПРАТЕНИЦИТЕ, РЕЧЕ ЧАВКОВ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛЕксдиректорот на БЈБ Митко Чавков во воведниот збор на судењето кажа дека смета оти навремено реагирале, односно веднаш откако масата влегла во Собранието почнала акција за растерување и само за еден час и 20 минути ситуацијата била под контрола (Фото: К. Попов)

    Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, во воведните зборови на судењето каде е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок на 27 април лани, рече дека како резултат на неговата проактивност и енергична интервенција се довело до тоа нападот на Собранието да помине без ескалации и без жртви. Чавков смета дека навремено реагирале, односно веднаш откако масата влегла во Собранието почнала акција за растерување и само за еден час и 20 минути ситуацијата била под контрола.

    „27 април беше ден како и сите останати, со протести пред Собранието сè до 18.30 часот. За мојата пасивност која стои во обвинението ќе кажам факти дека веднаш после насилниот влез, поради збунетост и неодлучност на полициските службеници кои беа пред Собранието, лично ја презедов командата за консолидација на силите со кои располагаме. Му се јавив на Митко Пешов и само затоа што ми одговори на повикот, телефонот не му беше празен, сега тој е терорист“, рече Чавков.

    Чавков потоа кажа дека по неговата интервенција, во 20.07 часот во Собранието имало два вода за брзо распоредување, биле обезбедени дополнителни луѓе од единицата за специјални задачи.

    „Дадов наредби за примена на физичка сила, други средства за присилба и да користат посебни експлозивни средства кои им беа дадени лично од мене. Како резултат на оваа енергична акција, моето проактивно однесување и мојот допринос, успеавме да поминеме без ескалации и жртви. Јас жалам за неуспешноста на единиците при влезот во Собранието“, рече Чавков.

    Во воведните зборови на Обвинителството на 22 август, обвинителката Вилма Русковска рече дека ќе докажат оти Митко Чавков бил информиран за сите настани.

    „Сите ги добивале на мобилен, само на министерот за внатрешни Агим Нухиу не му кревал телефон. Официјално, бил надвор од МВР, пишувал докторат. Сребрената команда, началникот Митко Пешов си бил во Кавадарци, а толпата веќе влегла внатре во Собранието и известен бил од сведокот дека веќе ги има првите повредени. Сведокот, министерот Нухиу во оваа ситуација отишол во оперативниот штаб. Таму го нашол дежурниот началник Душко Лазаров и по член 20 од упатството за златна, сребрена и бронзена команда, му дава усна наредба на Лазаров да се ангажираат итно специјалните сили и да се извлечат од Собранието пратениците и сите на кои им е загрозен животот. Дежурниот Лазаров не презема ништо по усната наредба на министерот и за тоа ќе чуете од сведокот Агим Нухиу“, рече Русковска и додаде:

    „Со сведоци ќе докажеме дека била дадена наредба за пасивна употреба на сила, што е непостоечка категорија и ја нема во ниту еден правилник, упатство и документ во МВР, со што е доведен во опасност животот на пратениците, новинарите, собраниското обезбедување, полицијата и граѓаните во Собранието“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира