Секторот за внатрешни работи Скопје собира видеоснимки и фото-материјали од оштетувањето на зградата на Министерството за правда и на споменикот Прометеј за време на протестите на Шарената револуција и на активистите и поддржувачите на граѓанската иницијатува „Протестирам“, што се одржаа во понеделникот оваа недела, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи.
Во соопштението, во кое, меѓу другото, хронолошки е опишан текот на протестот, се вели дека полицајците кои биле ангажирани за обезбедување на протестот препознале „неколку лица кои учествувале во оштетувањето на објектите“.
„Од страна на ЕУМНА при СВР Скопје било извршено фотографирање на оштетувањето на горенаведените објекти за што се сочинети записници за увид, како и фотоалбуми. Од ЕУМНА при СВР Скопје е извршено снимање на протестот кој се одвивал пред горенаведените објекти, а воедно е извршено и преземање на видеоматеријали и на фотографии од отворени извори на податоци – интернет, за што е сочинето цеде со видеозапис. Од страна на полициски службеници при СВР Скопје кои службено биле ангажирани за обезбедување на протестите се препознаени неколку лица кои ги вршеле оштетувања на објектите. Од страна на полициски службеници дополнително ќе бидат набавени видеозаписи од безбедносните камери поставени во непосредна близина на Министерството за правда, Собранието на РМ и на споменикот „Прометеј“, за 20 јуни 2016 год., за периодот од 18 до 22 часот, кога се извршени оштетувањата, за понатамошна постапка“, стои во соопштението на МВР.