ПОПИСОТ ПОЧНУВА УТРЕ, РЕЗУЛТАТИТЕ НАЈДОЦНА ДО ЈАНУАРИ 2022, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ДЗС СИМОВСКИ

    ПОПИСОТ ПОЧНУВА УТРЕ, РЕЗУЛТАТИТЕ НАЈДОЦНА ДО ЈАНУАРИ 2022, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ДЗС СИМОВСКИПописот ќе трае до 30 септември, а Симовски вели дека протоколот за спроведување Попис во време на пандемија со ковид-19 е многу строг и прецизен. (Фото: МИА)

    Првиот попис по 20 години почнува утре и ќе трае до 30 септември, а директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски вели дека верува оти добиените податоци ќе ги објават најдоцна во јануари 2022. Симовски вели дека протоколот што е подготвен за спроведување Попис во време на пандемија со ковид-19 е многу строг и прецизен.

    „Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е: правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот како и лаптопот со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра. Секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор и мислам дека временските прилики ќе ни го дозволат тоа“, вели Симовски во интервјуто за МИА.

    Ова е и првиот попис со комбиниран модел, што подразбира одење на терен, односно попишување лице в лице и користење на податоци од бази. Вообичаено, овој комбиниран метод е преодна фаза меѓу класичниот попис и пописот базиран на регистри. Македонија е една 12 држави во Европа кои спроведуваат комбиниран метод на попис.

    „Што подразбира тоа: прибирање на податоци директно од населението на терен и користење на податоци од таканаречената Претпописна база на податоци која е компилирана од повеќе бази кои постојат во државата и чијшто квалитет е анализиран и проверен. Со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата. Секако остануваат прашања на кои лицето ќе мора да даде одговор бидејќи за тоа не постојат записи во базите, а ова особено се однесува на чувствителните прашања за етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинството. Ова се прашања со кои се искажува лично чувство и затоа се внесуваат одговори онака како што ќе се изјасни лицето. Силно верувам дека по успешно спроведениот попис овој септември, нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри“, вели Симовски.

    Досега, на веб страницата на ДЗС се самопопишаа приближно 191.000 македонски државјани во странство.

    Симовски вели и дека според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности, но оти веруваат дека ќе успеат да ги завршат обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 да ги објават податоците.

    „За разлика од претходно, кога имавме првични, па следеше долг процес на внесување податоци, со овој процес сега ќе објави само дефинитивни конечни податоци“, вели Симовски.

    Со Пописот ќе се добијат огромен број на податоци кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата.

    „Прво и основно, ќе добиеме точна бројка колку не има во државата и каде сме точно распоредени, односно прецизна територијална распределеност на населението дури на километар квадратен. Ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението. Потоа ќе се добие прецизна слика на станбениот фонд во државата и неговата состојба, карактеристиките на станбените единици и нивната разместеност, ќе се добие слика на условите за живеење на населението – тоа е навистина едно огромно богатство на податоци, показатели кои ќе не насочуваат каде и како треба да се движиме во иднина“, вели Симовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира