ПОРАДИ ИСЕЛУВАЊЕТО ИМА СЕ ПОМАЛКУ УЧЕНИЦИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    ПОРАДИ ИСЕЛУВАЊЕТО ИМА СЕ ПОМАЛКУ УЧЕНИЦИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕминистерката за образование Рената Треневска Дескоска првиот училиште ден го мина во основното „Браќа Миладиноваци“ и средното стручно училиште “Перо Наков“ во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Трендот на опаѓање на учениците и бројот на децата во Република Македонија е загрижувачки, изјави министерката за образование Рената Треневска Дескоска на првиот училиште ден во Куманово. Во Куманово оваа година се запишаа околу 1.200 првачиња, седумдесетина помалку од лани, а во прва година во средните училишта 1.100 ученици или 200 помалку од минатата година.

    „За жал се забележува опаѓање на бројот на деца коишто се запишуваат и во средното образование и покрај тоа што е задолжително, што покажува на трендот за иселување на млади луѓе од државата, семејства со деца во образовен процес. Се надеваме дека процесот на иселување на младите ќе запре, Министерството за образование и наука ќе направи реформи кои ќе значат враќање на квалитетот на образованието и правење на образованиот систем во Македонија атрактивен за учениците, како би останале овде и би го продолжиле своето образование“, рече Треневска Дескоска.

    Министерската најави во наредниот период подеднакви инвестиции во образованието независно од политичката определба на градоначалникот, а не како што било случај досега во кумановската општина. Таа денеска им посака успешна учебна година на првачињата во основното училиште „Браќа Миладиноваци“ и средното стручно училиште “Перо Наков“.

    „Денеска на првиот училишен ден решив да присуствувам на неколкуте свечености што се организираат во Општина Куманово, бидејќи Општина Куманово е со најголем број ученици, со најголем број првачиња. Дојдов и во средното стручно училиште, со цел да го промовираме стручното образование. Освен медицинското, економското и правното, другите насоки на стручно образование се запоставени и не се атрактивни за учениците. Се надевам дека со измените што ќе се направат со наставните програми ќе поставиме систем кој ќе ги привлече учениците. Правиме напори и договор со компаниите да се овозможи практична настава на учениците, со цел да им овозможи настава која ќе ги прави способни на пазарот на трудот“, рече министерката.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира