ПОРАДИ ВОЕНИТЕ УСЛОВИ АВИОКОМПАНИИТЕ БАРАА ПЛАЌАЊЕ ОДНАПРЕД ЗА ЕВАКУАЦИСКИТЕ ЛЕТОВИ ОД БЛИСКИОТ ИСТОК, ПОСТАПКАТА БЕШЕ ЗАСНОВАНА НА ВЛАДИНА ОДЛУКА, ВЕЛИ МНР

    ПОРАДИ ВОЕНИТЕ УСЛОВИ АВИОКОМПАНИИТЕ БАРАА ПЛАЌАЊЕ ОДНАПРЕД ЗА ЕВАКУАЦИСКИТЕ ЛЕТОВИ ОД БЛИСКИОТ ИСТОК, ПОСТАПКАТА БЕШЕ ЗАСНОВАНА НА ВЛАДИНА ОДЛУКА, ВЕЛИ МНРВториот евакуациски лет од Дубаи за Скопје дојде на 10 март. (Фото: МНР)

    Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) тврди дека авансната исплата на целата сума за евакуациските летови била неопходна поради исклучителните околности во кои се организирала евакуацијата на македонските државјани од кризното подрачје на Блискиот Исток. Иако вообичаено законските одредби предвидуваат авансно плаќање до 20 проценти од вредноста на договорот, од Министерството велат дека во овој случај станувало збор за вонредна состојба предизвикана од воени дејствија и непосредна закана по безбедноста на македонските граѓани.

    „Постапката беше спроведена, во согласност со законските прописи, врз основа на заклучоци на Владата и со единствена цел – навремена и безбедна евакуација на нашите државјани“, вели МНР во реакцијата за истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

    Според МНР, откако пропаднала првата постапка за обезбедување летови, а преку Амбасадата во Абу Даби било утврдено дека „ФлајДубаи“ е единствената компанија што може да обезбеди сигурен транспорт, е отпочната постапка со единствениот субјект кој во тие околности можел со сигурност да ја реализира услугата.

    „Изборот беше направен врз основа на информации добиени од дипломатско-конзуларната мрежа и по претходно исцрпување на сите други реални можности за организација на летовите“, вели МНР.

    Од Министерството нагласуваат дека барањето за целосна уплата пред реализацијата на летовите не било нивен услов, туку барање што произлегло од локалните превозници и специфичните пазарни услови во регионот во време на воена криза. Без претходна уплата, летовите не би можеле да бидат обезбедени, што ќе ја довело во прашање навремената евакуација на македонските државјани.

    „Условот средствата да бидат исплатени пред реализацијата на летовите не беше утврден од Министерството, ниту од избраниот оператор, туку претставуваше објективен услов наметнат од локалните превозници и специфичните пазарни услови во регионот на Блискиот Исток во услови на воена криза. Во ситуации кога се спасуваат човечки животи, државата е должна да постапува брзо и ефикасно, а не да дозволи административни процедури да ја доведат во прашање безбедноста на сопствените граѓани“, вели МНР.

    Во вакви околности, велат од МНР, приоритет било спасувањето и безбедното извлекување на граѓаните, а не стриктното следење на процедурите што важат во редовни услови. Како аргумент го наведуваат фактот дека евакуацијата била успешно реализирана и дека сите македонски државјани биле безбедно извлечени од кризното подрачје.

    Од ЦГК во својата реакција укажуваат дека авансното плаќање не било предвидено во тендерската документација и не е во согласност со Законот за јавни набавки (ЗЈН).

    „Според член 116 став 2 од Законот за јавните набавки, договорот за јавна набавка се склучува во согласност со условите утврдени во тендерската документација и во понудата. Ова значи дека плаќањето по извршување на услугата морало да биде наведено и во договорот. Ова секако не би ја ограничило фирмата да ги плати летовите од свои средства и потоа овие трошоци да ги покрие по наплатата на фактурата. Но, поставувањето едни услови во тендерската документација и потоа нивно менување во договорот не е во согласност со ЗЈН. Законот за јавни набавки не предвидува дека, во услови на постапка со преговарање без објавување оглас, во согласност со точка г) од член 55 став 1, доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето, може да се даде 100 % аванс, и тоа без каква било банкарска гаранција. Напротив, Законот за јавни набавки ја ограничува висината на авансното плаќање. Според член 103 став 2 од ЗЈН за договорните органи од класичниот јавен сектор, на кој му припаѓа Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, авансот не може да биде поголем од 20 % од вредноста на договорот. Воедно, според член 103 став 3, договорниот орган пред исплата на авансот задолжително обезбедува банкарска гаранција од носителот на набавката во висина на договорениот аванс. Склучениот договор на Министерството не ја предвидува банкарската гаранција“, велат од ЦГК.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира