„ПОТКУП“ Е МОНТИРАН ПРОЦЕС ПРОТИВ ЗАЕВ, ТВРДАТ НЕГОВИТЕ АДВОКАТИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА

    „ПОТКУП“ Е МОНТИРАН ПРОЦЕС ПРОТИВ ЗАЕВ, ТВРДАТ НЕГОВИТЕ АДВОКАТИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈАНа седницата во Апелациониот суд се четворица негови адвокати, а Заев, бидејќи нема обврска и тука да се појави, е отсутен. - Адвокатскиот тим на Заев на јавната расправа во Апелацискиот суд Скопје (Фото: СДК.МК)

    Почна јавната расправа во Апелациониот суд Скопје од кого премиерот Зоран Заев, во жалбена постапка, бара да не важат посебните истражни мерки во случајот против него „Поткуп.

    Заев беше претходно на рочиштето во Кривичниот суд, кое се одложи, бидејќи предметот е тука во Апелација. На седницата во Апелациониот суд се четворица негови адвокати, а Заев, бидејќи нема обврска и тука да се појави, е отсутен.

    Заев во жалбата навел дека овие снимки обвинителството ги криело за да не може да подготви одбрана, снимките некој што имал допир со нив, ги изнел од обвинителството и ги објавил на Јутјуб каналот, дека наредбата од судија за снимање на неговиот разговор со струмичкиот бизнисмен од кого наводно бара поткуп, не постои, никаде ја нема… Навел и дека со тие снимки на обвинителството, преземени од медиумите, против него било изведено јавно судење, а со снимањето во неделовна просторија во општина Струмица, чиј градоначалник беше тогаш тој, најгрубо се скршени неговите човекови права и слободи.

    Ова се елементи кои укажуваат дека се работи за монтиран процес против Заев, рече неговиот адвокат Јаким Неделков пред 5-члениот судски совет.

    Класичен школски пример за агент-провокатор, а не законски посебни истражни мерки се доказите против Заев, обвини другиот адвокат Ване Андреев.

    Филип Медарски, пак, потсети како обвинителството не ја сочувало службената тајна.

    Вишиот јавен обвинител Јове Цветановски се спротивстави на наводите на Заев во жалбата.

    Најважно е што ПИ-мерките се прибавени на законит начин и тие важат пред суд. Наредба од судот постои, тоа го знае и одбраната. На обвинетиот не му е нарушена приватноста, рече Цветановски.

    Тој рече дека за протекувањето на снимките треба да има кривична одговорност против службеното лице што ги дало ПИ-мерките, но нелегални би биле само снимки пуштени во јавност, кои претходно биле незаконски прибавени.

    Одлука дали ќе важат овие докази против Заев, ќе има следните денови, рече претседателот на советот, судијата Сафет Кадрии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира