ПОТРЕБЕН Е ЦЕЛОСЕН ПРЕСВРТ КОН БУГАРИЈА, НЕЈЗИНАТА ДРЖАВНА ПОЛИТИКА КОН НАС Е НЕПРИЈАТЕЛСКА, ВЕЛИ НИКОЛА ДИМИТРОВ

    ПОТРЕБЕН Е ЦЕЛОСЕН ПРЕСВРТ КОН БУГАРИЈА, НЕЈЗИНАТА ДРЖАВНА ПОЛИТИКА КОН НАС Е НЕПРИЈАТЕЛСКА, ВЕЛИ НИКОЛА ДИМИТРОВПремиерот на Бугарија Кирил Петков на вчерашното отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Потребен е целосен пресврт во нашата политика кон Бугарија, што ќе се темели на достоинството на нацијата, на европските принципи и на меѓународното право, вели поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров. Тој смета дека од бугарската страна нема спремност за добрососедски разговор што прилега на 21 век и затоа треба да се зафатиме со работа дома.

    „Односите треба да се приспособат на реалноста, а работите да се наречат со вистинските зборови. Ветото е непријателски чин. Уцена. Негирањето на правото на самоопределување е грубо мешање во суверенитетот и во една исклучиво наша работа. Тоа е  непријателски чин“, напиша на својот фејсбук профил Димитров како реакција на вчерашното отворање на културниот клуб „Вачно Михајлов“ во Битола на кое присуствуваше бугарскиот државниот врв и претстаници на бугарската опозиција на чело со премиерот Кирил Петков.

    Димитров вели дека преправањето дека имаме пријателски односи со земја чија актуелна политика не ни го почитува неприкосновеното право ние самите да кажеме кои сме и каков јазик зборуваме, која ни ја блокира европската иднина, е политика на себегазење.

    „Надворешната политика на владата кон Бугарија е збир на постојани концесии и на бескрајно трпение за провокации и навреди, без притоа другата страна да се помести од нивните првични позиции од некој друг век и свет. Северна Македонија е независна и суверена држава, членка на НАТО, а не нечија провинција. Така треба и мора да се однесува“, вели Димитров.

    Димитров вели дека оваа влада прифатила внесување на бугарскоот малцинство во Уставот на почетокот на пристапните преговори, а претходната влада тоа го постави на крајот на процесот, при зачленувањето во ЕУ.

    „Владата сега ветува нешто што може да го испорача само двотретинско мнозинство во Собранието. Претходната влада разговараше за можноста да иницира уставен амандман до Собранието, на крајот на европскиот пат, кога секако ќе се отвори Уставот заради зачленувањето, оти без симнување на сите антиевропски предизвици кон македонското мнозинство од страна на Бугарија, нема никаква основа во Уставот да се запише бугарското малцинство“, вели Димитров.

    Во однос на Договорот од Преспа кој тој како тогашен министер за надворешни работи го потпиша со неговиот колега Никос Коѕијас, вели дека ‘тој договор всушност ја принуди Софија да си го покаже вистинското лице, бидејќи го потврди македонскиот јазик и идентитет. Нешто што очигледно силно ја вознемири актуелната политика на Бугарија‘.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира