Откако обвинителката Вилма Русковска заврши со испрашувањето на министерот Дамјам Манчевски, кој сведочи на денешното судење за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, прашања му поставуваше обвинетиот Игор Југ. Тој во обвинетелниот акт е обвинет дека требало да го ликвидира Зоран Заев, а во сведочењето Манчевски опиша дека го видел како лице со црна маица со натпис ХОС, без коса и со брада, а во задниот дел на панталоните имал оружје.
Југ е меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април лани.
Југ го праша Манчевски какво оружје носел, на што тој одговори дека не е експерт за оружје но дека станува збор за оружје кое може да се носи во панталони.
„Дали може тоа оружје да е пендрек, хебла, шрафцигер, нож? Како, ако толку сте биле удирани, со бокс ви бил скршен носот, цело време сте добивале закани за вашите деца, сте можеле толку јасно да видите дека јас сум фокусиран на Зоран Заев. Како, ако други луѓе можеле да се доближат до него и да го удираат, јас не сум можел да го ликвидирам?“, праша Југ.
На ваквите прашање постојано приговори даваше обвинителката Вилма Русковска, образложувајќи дека станува збор за директно, а не за вкрстено испрашување.
Судијката Добрила Кацарска, прифаќајќи ги приговорите на Обвинителството, им рече на адвокатите да им објаснат на нивните клиенти што е дирекно, а што вкрстено прашање.
„Да знаете дека денеска ќе бидат сослушани сите сведоци, па судењето да трае и до полноќ. Затоа, непотребно да не губиме време“, рече Кацарска.
Во моментов уште трае вкрстеното испрашување на министерот Манчевски од адвокатите на одбраната.
По него ќе сведочи пратеникот Илија Николовски, па пратеничката Фросина Ременски и последен за денеска е пратеникот Павле Богоевски.
А. АНТЕВСКА