Повисоки плати за лекарите специјалисти за десет отсто од јануари следната година и за пет отсто повисоки плати за вработените во здравството, образованието, градинките, одбраната, државната администрација, полицијата и правосудството од септември следната година. Ова е предвидено со Предлог-Буџетот за 2019, кој денеска во Министерството за финансии беше јавно презентиран пред синдикатите, коморите, невладиниот сектор, експертите и медиумите.
„Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е најдобрите лекари, граѓаните да ги бараат во јавното, а не приватното здравство. Целта е да обезбедиме подобри здравствени услуги за сите. Сакаме да ги мотивираме здравствените работници. Знаеме дека работите не се менуваат од денес за утре, но мора да се започне. Ние почнавме оваа година и продолжуваме посилно во 2019 година. Во Буџетот за 2019 година имаме обезбедено и средства за покачување на платите во образованието, како и вработените во градинките и детската заштита. За градење поефикасна и помотивирана јавна администрација планирано е покачување на пет отсто на платите на администрацијата, од септември 2019 година. Планирана е и реформа на јавната администрација во 2019 година. Целта е да се подобрат јавните услуги. Јавната администрација ќе биде клучен носител на преговорите за пристапување кон ЕУ и НАТО“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Во Буџетот е предвидена реформа во системот на социјалната заштита преку воведување на минимален гарантиран приход и семеен пакет на права. Со ова се олеснува пристапот до социјален надоместок на постојните 24.000 домаќинства кои во моментот се приматели на социјална помош, но се создава можност и за дополнителни 11.000 домаќинства. Предвидено е и воведувањето социјална пензија која ќе опфати околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години и која ќе изнесува 40 отсто од просечната исплатена пензија.
„Се воведува образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца. Новиот систем на социјална и детска заштита има за цел најголема помош да им се пружи на најранливите категории на граѓани. Неговата имплементација ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани од сиромаштија. Паралелно ќе се спроведат интензивни мерки за подготовка и активација на овие категории на граѓани во пазарот на труд. Воведувањето на реформиран систем на социјална и детска заштита следната година значи обезбедување на дополнителни 2,2 милијарди денари по овој основ“, кажа Тевдовски.
За активни мерки за вработување предвидени се 1,1 милијарди денари, што е за 10 отсто повеќе во однос на 2018 година, а за мерките за поддршка на нови инвестиции, извозот и освојување на нови пазари, нови вработувања, поддршка на малите и средни претпријатија, иновативноста, технолошкиот развој и странските инвестиции во ТИРЗ, речиси три милијарди денари, или за 40 отсто повеќе во однос на годинава.
За капитални проекти предвидени се 25,7 милијарди денари во Буџетот, во оваа сума не се вклучени поголем дел од патиштата, предвидени во буџетот на Јавното претпријатие за патишта. Инвестициите во патна и железничка, комунална и енергетска инфраструктура се повеќе од 40 отсто од вкупните планирани капитални расходи во Буџетот за 2019 година.
Вкупните приходи во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, додека вкупните расходи се 228,5 милијарди денари. Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2 отсто на Бруто домашниот производ. Планираниот буџетски дефицит е 2,5 отсто од БДП или за половина милијарда денари помалку во однос на претходната година. Инфлацијата е проектирана на 2 отсто, додека се очекува стапката на невработеност да се намали на околу 20 отсто.