ПРАТЕНИКОТ МИЛОШОСКИ СО ВИДЕО СО БЕБЕТО ПОВИКА НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПРОМЕНА НА ИМЕТО

    ПРАТЕНИКОТ МИЛОШОСКИ СО ВИДЕО СО БЕБЕТО ПОВИКА НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПРОМЕНА НА ИМЕТОМилошоски вели дека денешниот протест ќе ѝ биде од помош на државата. - Милошоски со ќерка си на Фејсбук; Милошоски на Олимп со старото државно знаме со сонцето од Кутлеш (Фото: Фејсбук)

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски даде поддршка и најави дека ќе присуствува на денешниот протест пред канцелариите на ЕУ во Скопје преку видео на Фејсбук, снимен заедно со неговата година и пол стара ќерка. Протестот е во организација на здруженијата „Тврдокорни“ и „Македонски обединети сили“, кои велат дека станува збор за протест за одбрана на името.

    Милошоски вели дека ако протестот биде мирен и достоинствен ќе биде од корист за државата и, како што вели тој, без разлика кој раководи со неа.

    „Прифаќам Македонија да биде кооперативна со Европската унија заради своите национални и државотворни интереси, но таа кооперативност не би требало да прерасне во сервилност кон неразумните 30-годишни малтретирања од страна на Атина кон нашата држава. Моето мислење и став за протестот е доколку биде достоинствен и мирен, без разлика што е зимно време, може да ѝ биде од помош на државата без разлика кој раководи со неа. Јас ќе присуствувам на тој протестен собир и давам поддршка за протестот кој што ќе почне во 18 часот пред канцелариите на ЕУ“, кажа синоќа Милошоски во видео на неговиот профил на Фејсбук.

    Во име на неговата партија, на вчерашната прес-конференција, Александар Нацев за протестот изјави:

    „ВМРО-ДПМНЕ го поддржува уставно загарантираното право за учество и организирање на протести. Во однос на протестот закажан за утре, ВМРО-ДПМНЕ не е организатор на истиот. Доколку ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да организира протести јавноста ќе биде навреме известена за природата на тој протест“.

    Во септември 2014 година, Милошоски објави фотографија од искачувањето на грчката планина Олимп со знамето со сонцето од Кутлеш, потег што предизвика реакција од Грција. Тогашниот портпарол на грчкото министерство за надворешни работи Константинос Кутрас изјави дека „провокациите можат да ги оправдаат грчките ставови против секаков иредентизам, но тие не помагаат никому“.

    Премиерот Зоран Заев, во мај 2015 година, тогаш како лидер на опозицијата, објави прислушуван разговори меѓу поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и Милошоски за преговорите за името со Грција. Тројцата разговараат за можните предлози за сложено име со разни додавки во и без загради.

    Извадок од 33. „бомба“, насловена: „Послушајте патриоти – преговори за името“:

    СМ: На пример, Независна Република. Друго што би можело? Демократска Република?

    АМ: Независна, демократска, суверена може да биде. Мислам тие три вака се, горе долу.

    СМ: Пред Република?

    АМ: Па, пред Република да биде, да. Независна Република Македонија во заграда, сега зборам нај, најдиректно, во заграда горна, независна или суверена Република Македонија, во заграда северна или…Значи ние во случај официјалната компонента, онаа најважната, суштинската од името, нема нас да ни донесе ризици, ќе си го сочуваме Република Македонија со нешто еве, условно речено оплеменето со Независна или со нешто друго, географската нивна ќе стои, во заграда, а тие дома, бидејќи Јорго тоа не може да го помине само во заграда, ќе рече луѓе не можевме ништо повеќе останува Република Македонија во заграда Горна. Ќе рече да, тешко беше, но не е само заградата каде што ние имаме некаква референца, туку дополнително издејствувавме да има уште една одредница и стигнавме до компромис да има и политичка, која прави сепак и одредена политичка дистинкција. Ние сме сепак независна и суверена држава и прави одредена политичка дистинкција и има уште една компонента која е географска и ја прави дистинкцијата на којашто тие инсистираат. Значи, сложено име, посложено здравје, ќе може некако да го продаде кај своите дома.

    НГ: Антонио, сè тоа е во ред, ама на што ќе личи името?

    АМ: Јас сега правам вака, споредба, мене кога би се рекло, ако имаме две понуди…

    НГ: Ама на референдум кога ќе го ставиме на што ќе личи, а не за после…

    АМ: Не не, добро, и за референдумот поаѓаме од основ што е тоа за нас прифатливо или неприфатливо. Значи, ако јас имам два избори: едната да биде Горна Република Македонија или на англиски Апер Репаблик оф Маседониа, и втората да биде Индипендент Рипаблик од Маседониа во заграда Апер, јас како Македонец, гледано вака долгорочно би одел на втората.

    НГ: Во заграда ВАРДАР?

    АМ: Или да, или во заграда Вардар, да. Кога би бирал помеѓу Вардар Рипаблик оф Маседониа и Апер Рипаблик оф Маседониа како едно име, без загради и без ништо друго, или Индипенден Р. М во заграда Вардар или во заграда Горна, јас би ја одбрал ова опција со заградата. Затоа што заградата, сакале тие или не сакале, со тек на време ќе си отпадне и ке си остане Индипендент Р.М. Е сега проблемот е што, краткорочно, кога на луѓево ќе им го понудиме на референдум ќе речат добро што е сега ова, вие за една референца зборувавте а сега како Обединети нации 5-6 додавки и придавки. Посложено ќе испадне од привременава што ја имаме сега. Ама ако се гледа долгорочно напред, за 5-10 години, заградата си отпаѓа и си останува тоа што ќе биде – Независна, Суверена или нешто слично.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари