ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ ГИ НАМАЛУВААТ ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ НА СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ, НЕ САМО СВОИТЕ

    ПРАТЕНИЦИТЕ ЌЕ ГИ НАМАЛУВААТ ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ НА СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ, НЕ САМО СВОИТЕПредлогот уште е во работна верзија, се разгледувале повеќе опции за намалување на трошоците. Во сите варијанти, велат пратеници кои учествуваат во изработка на измените, дека сигурно ќе има намалување од 20 отсто на патните трошоци за сите избрани и именувани функционери, не само на пратениците. - Џеват Адеми побара целосно укинување на патните трошоци за сите функционери (Фото: СДК.МК)

    Работна група пратеници подготвува измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери и на Законот за пратеници со цел намалување на трошоците.

    Со првичниот предлог на СДСМ, беше планирано да се намалат само патните трошоци на пратениците за 20 отсто. Но, пратеници од ДУИ не го прифатија предлогот од СДСМ за намалување на патните трошоци, бидејќи немало да промени ништо и пак пратениците ќе биле цел на критика во јавноста. ДУИ најави дека ќе поднесат амандман со кој ќе укинат целосно патните трошоци не само за пратениците, туку и на сите избрани и именувани функционери.

    Извори од работната група за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека наместо намалување само на патните трошоци на пратениците, се договориле да се работи на измени на Законот за исплата на плата на избрани и именувани функционери. Намалување да има за сите функционери, не само за пратениците. Предлогот уште е во работна верзија, се разгледувале повеќе опции за намалување на трошоците. Во сите варијанти, велат пратеници кои учествуваат во изработка на измените, дека сигурно ќе има намалување од 20 отсто на патните трошоци за сите избрани и именувани функционери, не само на пратениците.

    Предлозите за намалување на патните трошоци на пратениците и на именуваните и избраните функционери поднесени од СДСМ уште во јануари годинава, иако поминаа во прво читање на пленарна седница, пратениците на ДУИ тогаш изјавија дека нема да ги поддржат.

    Од ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК во март изјавија дека предлогот на пратеничката група на СДСМ е едностран и ДУИ нема да го поддржи. Тие планираа да достават амандман со кој што бараат да се укинат патните трошоци, како на пратениците, така и на именуваните и избраните функционери.

    „Нема да ги поддржиме предлозите за намалување на патните трошоци, бидејќи ништо нема да се смени, пак ќе се зборува во јавноста. Затоа ќе поднесеме амандман со кој бараме да се укинат патните трошоци на сите избрани и именувани функционери“, изјави за САКАМДАКАЖАМ. МК, пратеникот на ДУИ Џеват Адеми, на 22 март.

    Пратеникот Адеми целосното укинување на патните трошоци го предложи уште на 24 јануари годинава на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

    „Ајде на овој начин да ги испровоцираме другите функционери и да не сме ние на мета постојано. Да се жртвуваме, за новинарите да не пишуваат за нас“, рече тогаш Адеми.

    На седницата на собраниската Комисија за политички систем, во март годинава на дневен ред не беа ставени предлозите за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица и на Законот за пратеници, со кои се намалуваат патните трошоци од 30 до 20 отсто од цената на литар гориво за изминат километар.

    Предлозите не биле ставени на дневен ред на Комисијата, како што ни кажаа извори од Собранието, бидејќи немало договор меѓу владејачките партнери, СДСМ и ДУИ.

    За намалување на злоупотребите со патните трошоци, со измените е предвидено пратеникот лично, со кредитна картичка, да ја плаќа патарината и во Собранието кога ќе ја поднесува сметката од патарината ќе треба да го приложи и слипот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари