ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ВАСИЛЕВСКИ И АРНАУДОВ ПОД ИСТРАГА ЗА ЗАКАНИ КОН ОБВИНИТЕЛКИТЕ ОД СЈО РИСТОСКА И СТЕФАНОВА ЗА „ТАЛИР“

    ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ВАСИЛЕВСКИ И АРНАУДОВ ПОД ИСТРАГА ЗА ЗАКАНИ КОН ОБВИНИТЕЛКИТЕ ОД СЈО РИСТОСКА И СТЕФАНОВА ЗА „ТАЛИР“Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски Василевски и Љубен Арнаудов и поранешниот началник на СВР Охрид се под истрага за за закани кон обвинители на СЈО, кон сведоци за да не сведочат против Никола Груевски и раководството и за спречување на истрагата за „Талир“; - Василевски (лево) на протестот организиран од ВМРО-ДМПНЕ на 9 февруари 2017 во Охрид при обидот на обвинителките од СЈО Ленче Ристоска и Лиле Стефанова во Охридската полиција да испитаат над 180 сведоци во врска со големата истрага за случајот „Талир“ (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал отвори истрага против пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, за кривични дела што ги сториле во февруари 2017 година врз обвинителките од СЈО Ленче Ристоска и Лиле Стефанова, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Лекарите Василевски и Арнаудов, за кои тече судење за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, зашто ги отворија вратите на Собранието и ги насочуваа насилниците каде да одат по Зоран Заев и Талат Џафери за време на организираниот напад на Собранието на 27 април лани, сега се осомничени за незаконито влијание врз сведоци.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов (десно) на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 каде е меѓу 33-та обвинети за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста (Фото: К. Попов)

    Истрагите за незаконито влијание врз сведоци ги води редовното Обвинителство за организиран криминал и корупција.

    Во февруари лани, при обид во Охридската полиција да испитаат над 180 сведоци во врска со големата истрага за случајот „Талир“, каде првоосомничен за перење 4,9 милиони евра прибавени на криминален начин и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ беше осомничен лидерот Никола Груевски, обвинители и истражители беа опколени од членови на оваа партија и неколку часа практично заробени и со загрозена безбедност. Тој ден заробените обвинителки под закани за нивната безбедност испитаа едвај 15-на сведоци, а истрагата до рокот на покренување обвиненија, не се заврши.

    „Предметот е кај нас, во Обвинителството за организиран криминал и е во предистрага“, ни одговори шефицата Гордана Смаќоска на прашањето дали е точно дека се води истрага против Василевски, Арнаудов и поранешниот началник на СВР Охрид за закани кон обвинители на СЈО, кон сведоци за да не сведочат против Груевски и раководството и за спречување на истрагата за „Талир“.

    Обвинителката Ленче Ристоска на прес-конференција кажа за заканите кон обвинителите на СЈО на 9 февруари 2017 , пред очите на началникот на  СВР Охрид.

    „Началникот на Охридската полиција (Гоце Недески н.з.) и двајца од одредена политичка партија кои беа дел од групата кои протестираа додека ние истражувавме изборни незаконитости во Охрид, побара средба со нас. На таа средба тројцата ни се закануваа. Подоцна за тие закани ние го известивме министерот за внатрешни работи“, рече тогаш Ристоска.

    Таа кажа дека теренската работа на СЈО тие денови била непријатна.

    „СЈО преку МВР достави покани до 185 лица и ние отидовме во Охрид за да не ги малтретираме лицата на дополнителен трошок за да мора да дојдат во Скопје. Но, доставувањето на поканите не одело лесно. Од 185 покани, само 130 биле доставени. Дента кога беше испитувањето, бевме известени дека од одредена партија е организиран протест. Нас не нѐ засега дали некој е член на партија. Двајца претставници од партијата кои го организираа протестот побараa средба со нас. На средбата беше и началникот на СВР Охрид. Токму на таа средба ни беа упатени закани. Тие ни покажаа и список. Знаеја кој е повикан за сведок. Ние за сѐ го известивме министерот за внатрешни работи. Најскоро ќе се дознае кој вршел влијание врз сведоци. Од некои медиуми дури беше објавувано и како сведоците да се одбранат од СЈО“, посочи тогаш обвинителката Ленче Ристоска.

    Ристоска тогаш укажа дека токму поради притисоците и влијанијата врз поканетите сведоци, СЈО во Охрид за изборните нерегуларности испрашало само 15 сведоци, но оти од нивните изјави, биле добиени релевантни сознанија.

    Обвинителката Ленче Ристоска на прес-конференција кажа за заканите кон обвинителите на СЈО на 9 февруари 2017 , пред очите на началникот на СВР Охрид (Фото: СДК.МК)

    Како што неофицијално дознаваме, Ристоска и Стефанова веќе биле испрашани во Обвинителството за организиран криминал како сведоци и оштетени и тие ги посочиле пратениците Василевски и Арнаудов како организатори на протестите против „Талир“ во Охрид и како функционери од ВМРО-ДПМНЕ што им се заканувале.

    Тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу на први март 2017 рече дека покренал дисциплинска постапка со која истражува и елементи за кривично дело против началникот на СВР Охрид Гоце Недески за заканите кон обвинителите на СЈО, кажувани во негово присуство. Тое што е покрената итна дисциплинска постапка против него е едната работа, а втората е дека се испитува дали во ситуацијата началникот сторил кривични дела, рече тогаш Нухиу.

    Делото Незаконито влијание врз сведоци во Кривичниот законик е определно во Член 368-а, според кој: „(1)Тој што со закана дека ќе нападне врз животот или телото или имот од поголем обем, со нудење поткуп, со попречување или на друг начин влијае некое лице да се појави или да не се појави како сведок во постапка пред суд или во управна постапка, или ако е повикано како сведок да даде или да не даде исказ во определена смисла, ќе се казни со затвор од една до три години“.
    .

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира