Судијката Диана Груевска-Илиевска од Oдделот кривично полнолетни во Кривичниот суд ќе го суди предметот за пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март со 62 жртви и 200 повредени. Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека во целост е одобрен обвинителниот акт за пожарот. Советот за оцена на обвинителен акт донел решение со кое го одобрува обвинението, по што е формиран кривичен предмет кој преку АКМИС-системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска од Oдделот кривично полнолетни за понатамошно постапување.
„Согласно АКМИС (предметот) е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска-Илиевска од одделот Кривично полнолетни. Станува збор за судија со 19-годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17-годишен стаж како стручен соработник. За сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, како што посочивме, јавноста и странките ќе бидат благовремено известени“, соопшти Кривичниот суд.
Станува збор за предмет со 37 обвинети лица и 33 бранители, кој Врховниот суд на 25 јуни одлучи од Кочани да го премести во Скопје. Образложението беше дека со случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.
Во 2017, САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на јули 2017, го спаси од притвор експремиерот Никола Груевски, но и останатите обвинети во „Титаник“ за големи изборни нерегуларности: Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Кога двајцата судии на тричлениот кривичен совет на кој таа била претседателка изгласале одлука два спрема еден за да добие Груевски мерка притвор, Диана Груевска-Илиевска излегла надвор и веднаш го известила тогашниот претседател Стојанче Рибарев. Итно се издава службена тајна пред одбраната на Груевски дека против судијата што гласал за притвор Дарко Тодоровски имало некоја иницијатива за разрешување пред Советот за факти, адвокатите експресно бараат и добиваат негово изземање, Рибарев враќа од службен пат од Битола друг судија на негово место и се превртува исходот во два спрема еден, но за да се одбие притворот за Груевски.
Таа во 2017 извесно време го водеше и случајот „Поткуп“ против поранешниот премиер Зоран Заев кој беше обвинет дека додека бил градоначалник на Струмица барал мито од струмички бизнисмен. Случајот кон крајот на 2017 го презеде друг судија оти Груевска-Илиевска беше префрлена на други случаи.
- ДОСТА ЈАС ВЕ МАЛТРЕТИРАВ, СУДИЈКАТА ГРУЕВСКА-ИЛИЕВСКА СЕ ПРОСТИ ОД ЗАЕВ
- СУДИЈКАТА ЗА „ПОТКУП“ ДИАНА ГРУЕВСКА-ИЛИЕВСКА ИЗЛЕГЛА ОД ЗАКОНСКИТЕ ОВЛАСТУВАЊА, ТВРДИ СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА
Судијката Груевска-Илиевска претседаваше со судечкиот совет во случајот „Ласкараци“ за автобуската несреќа во која загинаа 16 лица, а 37 беа повредени. Беше делегирана и како членка на судечкиот совет кој ги судеше организаторите на оганизираниот напад на Собранието на 27 април 2017, а со кој претседаваше судијата Илија Трпков.