ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ БИДАТ ДОЛГИ, ТЕШКИ И СКАПИ, РЕКОА ВЛАДИНИТЕ ПРЕГОВАРАЧИ ОСМАНИ И МАРИЧИЌ

    ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ БИДАТ ДОЛГИ, ТЕШКИ И СКАПИ, РЕКОА ВЛАДИНИТЕ ПРЕГОВАРАЧИ ОСМАНИ И МАРИЧИЌВладата ќе формира координативно тело кое ќе го води вицепремиерот Османи. Координативното тело ќе ги утврдува преговарачките позиции, а во него ќе учестуваат премиерот, неговите заменици и министрите. Ќе има и државна делегација за преговори.Таа ќе ги води преговорите за отварање на поглавјата. Ќе се формираат и 35 работни групи, за сите 35 поглавја. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и советникот на премиерот Зоран Заев, Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција (Фото.СДК.МК)

    Преговорите за влез на Македонија во Европската унија ќе биде најголема административно-политичка операција која ќе трае повеќе години, изјави, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на денешната прес-конференција.

    Вицепремиерот Бујар Османи ќе го води преговарачкиот процес, а советникот на премиерот Зоран Заев, Бојан Маричиќ ќе го води техничкиот дел од преговорите.

    „Пред нас е најважниот процес во нашата историја. Процес во кој треба да изградиме наднационален консензус и тој не е ексклузивно право само на владата. Во него треба да се вклучат претставници на сите институции, академската заедница, граѓанскиот сектор, но ја повикувам да се вклучи и опозицијата. Опозицијата ќе биде вклучена во преговорите на сите поглавја, која и досега се има вградено во овој процес“, рече Османи.

    Владата ќе формира координативно тело кое ќе го води вицепремиерот Османи. Координативното тело ќе ги утврдува преговарачките позиции, а во него ќе учествуваат премиерот, неговите заменици и министрите. Ќе има и државна делегација за преговори. Таа ќе ги води преговорите за отворање на поглавјата. Ќе се формираат и 35 работни групи, за сите 35 поглавја.

    „Ќе треба многу пожртвувана работа но вреди да се жртвуваш во процес што ќе ја однесе Македонија во ЕУ и што ќе ја донесе ЕУ во Македонија и сите ќе мораат да се вградат во овој процес, како на пример, Собранието или бизнис заедницата и другите институции“, рече Маричиќ.

    Владата сè уште ги екипира работните групи, и до октомври треба формирањето да заврши.

    Според Османи, преговорите со ЕУ ќе бидат скапа работа. Колку ќе чини целата операција не се знае, владата сеуште правела пресметка.

    „Пример, на почетокот на скрининг процесот во септември, 40 луѓе треба да заминат на неколку дена во Брисел. Тоа треба финансиски да се покрие, а такви фази ќе има многу. Владата одлучи целосно да го финансира целиот процес бидејќи се работи за најважната стратешка операција на државата“, рече Османи. Тој кажа дека дел од финансиите ќе бидат обезбедени од европски фондови.

    „Има и европска помош, ИПА фондовите ќе се зголемуваат во периодот што претстои бидејќи нашиот буџет не е доволен да ја покрие целата операција.“, рече Османи.

    Во преговорите со ЕУ ќе бидат вклучени најмалку илјада лица.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира