ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ КАНДИДАТИ ПРЕДВРЕМЕ ЈА ПОЧНАА КАМПАЊАТА, ПРЕДУПРЕДИ ДИК

    ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ КАНДИДАТИ ПРЕДВРЕМЕ ЈА ПОЧНАА КАМПАЊАТА, ПРЕДУПРЕДИ ДИК„Ги повикуваме сите, но пред сѐ кандидатите за претседател во овој период поред почетокот на кампањата, но и за време на кампањата, строго да се придржуваат, да бидат одговорни и сериозно да се однесуваат кон сите пропишани правила во изборниот законик, кои се однесуваат на предвремено почнување на кампањата“, рече Борис Кондарко, член на ДИК (Фото: К. Попов)

    Државната изборна комисија (ДИК) ги предупреди кандидатите за претседател на претстојните избори на 21 април доследно да се придржуваат до законските одредби за предвремено почнување на изборна кампања.

    Членот на ДИК Борис Кондарко, на денешната 27 седница на која се изврши ждрепката за редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче на изборите, рече дека во име на целата комисија ги замолува и претседателските кандидати и партиите и граѓанските здруженија и активисти кои ги поддржуваат да бидат одговорни и да ги почитуваат правилата од Изборниот законик.

    „Севкупната слика за изборниот процес и за нашата држава зависи од тоа како ќе се спроведат овие избори, затоа ги повикуваме сите, но пред сѐ кандидатите за претседател во овој период поред почетокот на кампањата, но и за време на кампањата, строго да се придржуваат, да бидат одговорни и сериозно да се однесуваат кон сите пропишани правила во изборниот законик, кои се однесуваат на предвремено почнување на кампањата. Повикуваме и замолуваме за коректна, чиста позитивна европска кампања. Тоа е во интерес на сите. Тоа е во интерес пред сѐ на кандидатите, на нивниот интегритет, во интерес на политичките партии, во интерес на ДИК, во интерес на целата држава. Нема потреба поради определени непромислени постапки и изјави ние како ДИК да се ставаме во улога на судија и да одлучуваме по некакви приговори“, рече Кондарко.

    Според него, секој со сопствен пример може да даде придонес за успешни избори, но и сликата за изборниот процес да биде позитивна. Тој кажа дека треба доследно да се почитува член 69а став 1, со кој се објаснува што се смета за предвреме почната кампања.

    „За изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“, го цитираше Кондарко член 69а став 1.

    На ждрепката за редоследот на гласачкото ливче на кандидатите за претседател, бројот 1 го доби независниот кандидат Блерим Река, чија кандидатура ја поддржаа Алијансата на Албанците и БЕСА, број 2 е Гордана Силјановска Давкова, чија кандидатура ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, а под број 3 е Стево Пендаровски, чија кандидатура ја поддржаа СДСМ и коалицијата.

    Според ДИК, кандидатурите на тројцата кандидати се поднесени со над 10.000 потписи и дека пред одржување на ждрепката потпишале изјава дека прифаќаат да бидат кандидати за претседател.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира