ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА СУДОВИТЕ НЕМААТ БИОГРАФИЈА, ЗАТОА НА ВЕБ СТРАНИТЕ ЗА СУДИИТЕ ИМА САМО ДАТУМ НА РАЃАЊЕ

    ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА СУДОВИТЕ НЕМААТ БИОГРАФИЈА, ЗАТОА НА ВЕБ СТРАНИТЕ ЗА СУДИИТЕ ИМА САМО ДАТУМ НА РАЃАЊЕНовинари од судството и судии од Македонија отворија теми и ги судрија ставовите на затворена дебата во Охрид во организација на Здружението на судии и амбасадата на САД (Фото: СДК.МК)

    Судиите се затворени и исплашени од новинари, претседателите на судовите ригидни во споделувањето информации со јавноста, на веб страните на судовите има оскудни и задоцнети информации и се без биографии на судиите. Ова се само дел од проблемите кои новинари од судството и судии од Македонија ги отворија и за кои ги судрија ставовите на затворена дебата во Охрид во организација на Здружението на судии и амбасадата на САД.

    Од илјадници пресуди донесени во изминатите 12 месеци во големиот Кривичен суд, кај што е и одделот за организиран криминал и предметите на СЈО, објавени се само 325 пресуди. За разлика од овој, Основниот суд Струмица за истиот период објавил 1.887, а судот во Кочани 973, спореди новинарот Васко Маглешов од Макфакс.

    Граѓаните не знаат ни кој ги суди, кои се тие луѓе, каква биографија имаат, зашто на веб страните нема речиси ништо за нив.

    „Нема биографија на судските вебови зашто некои судии и немаат биографија, немаат што да покажат. Претседателите обично се меѓу тие случаи, па кога инсистирате кај нив да ви го објават вашето сиви, ви велат: 10 реда само. Доволно е”, се пожалија судиите.

    Дејвид Стивенсон од политичко-правниот оддел на Американската амбасада заклучи дека постои впечаток оти судиите и новинарите се во конфликт, а всушност работат за иста цел, за граѓаните.

    „Новинарите се вашите очи и уши кон јавноста. Судијата мора да најде начин да контактира со новинарите и да им ја раскаже приказната на граѓаните”, рече тој.

    Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, пак, подготвува судско-медиумски совет за соработка меѓу двете страни на дневна основа за да се отвори судството кон граѓаните.

    Обвинителот на Висконсин Кристофер Лајгел им укажа на судиите дека новинарите, јавноста, имаат потреба од брзи информации од судиите за да ја проверат вистинитоста на тоа што обвинетите и адвокатите едвај чекаат да го кажат во микрофон надвор од суд.

    Целата техника на тренинг на полицајци, обвинители и судии за сервисирање на јавноста преку медиумите ја претстави Ен Шварц од Министерството за правда на Висконсин.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира