На претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски и на двајцата членови Мери Дика – Георгиевска и Влатко Самарџиски, на 12 октомври требало да им се забрани да влезат во Основниот суд Гевгелија, смета академик Владо Камбовски. Тоа требало да го стори претседателката на Гевгелискиот суд со интервенција на тамошното обезбедувањето или на МВР, бидејќи никој од Судскиот совет нема надлежност да ја преиспитува судската одлука за налозите за претрес кај експретседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски, вели Камбовски.
На петти октомври со налози од Гевгелискиот суд, специјалната обвинителка Катица Јанева во предистражна постапка против Владимир Панчевски за оддавање службена тајна и за големи злоупотреби со АКМИС – системот во Основниот суд Скопје 1, изврши претрес на двете места и одзеде докази за отворање истрага, како што рече таа.
На 13 октомври, Караџовски напиша долго соопштение за случувањата во Гевгелискиот суд, со кое ја информира јавноста дека претседателката Злата Попова двапати реферирала пред него за стварната и месна надлежност на овој суд да потпише два налога за претрес во основниот суд Скопје и дома кај Панчевски.
„И утредента на 6 oктомври, ден по влегувањето на Специјалната обвинителка Катица Јанева да врши претрес и предистражни дејствија во Кривичниот суд, претседателката на Основниот суд Гевгелија Злата Попова не требала да го послуша Караџовски и да тргне за Скопје да реферира за потпишаните одлуки за претрес. Требало на Караџовски да му каже: ‘Не разговарам со вас на тема судски одлуки. Повелете покренете постапка за нестручно и несовесно работење против судијата што ги потпиша налозите, ако сметате дека има основ, и тогаш можете да дојдете на увид во Гевгелија’“, вели Камбовски.
- ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД ЗЛАТА ПОПОВА ДВА ПАТИ РАПОРТИРАЛА ПРЕД КАРАЏОВСКИ ЗА ПАНЧЕВСКИ
- ВАНГЕЛОВСКИ И КАРАЏОВСКИ ОТИДОА ВО ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД ДА ГО СПАСАТ ПАНЧЕВСКИ ОД КАТИЦА
- КАРАЏОВСКИ ГИ ИГНОРИРАЛ ПРИГОВОРИТЕ ЗА РАЧНО МЕСТЕЊЕ ПРЕДМЕТИ КАЈ ПОДОБНИ СУДИИ
Судскиот совет има органичена надлежност и неговите членови воопшто не можат да влегуваат во природата и во мериторноста на ниедна судска одлука, објаснува тој. За исправноста на една судска одлука, во случајов одлуката судија на претходна постапка да потпише две наредби за претрес кај осомничениот експретседател на Кривичниот суд, постои начело на преиспитување по вертикала, вели тој.
„Преиспитувањето на одлуките го врши повисокиот суд, по жалба, а никако Судскиот совет“, вели Камбовски.
Според него, за овој преседан претседателката Попова може да поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба против Караџовски и против други членови на Судскиот совет, ако веќе тоа не го стори редовното Јавно обвинителство.
Камбовски вели дека Судскиот совет ја гарантира независноста и самостојноста на судството и не смее со лична интервенција да ги загрози, како што го стори тоа Караџовски во два наврата. Еднаш да ја викне Попова во Скопје да реферира за налозите за претрес, вторпат во Основниот суд Гевгелија пак да ја тера да реферира, вршејќи лично увид во предметот за потпишаните наредби за претрес.
„Претседателот на Судскиот совет во случајот со увидот во наредбите за претрес кај осомничениот Панчевски, врши кривично дело злоупотреба на службената должност, ако тоа го презел на своја рака, без да има претходно поведена иницијатива за дисциплинска одговорност или за нестручно и несовесно работење против судијката што ги потпишала налозите по кои постапило Специјалното обвинителство. Иницијативата треба да биде во една законски пропишана процедура, па дури тогаш има право член на Судски совет да направи увид во предмет на тој судија“, укажува Камбовски каде е незаконската постапка на претседателот Караџовски и на членовите што го придружувале при истрагата во Основниот суд Гевгелија на 12 октомври.
„Судскиот совет целосно излезе од колосекот по кој треба да се движи и својата уставна положба ја сконцентрира кон закани и ставање на судството во зависност. Во случајов, законот е флагрантно скршен. Ни Караџовски, ни кој било друг од Советот, не смее да запира отворање предистражна постапка. Само за одземање на имунитет на судија кој треба да оди во притвор, може да биде повикан Судскиот совет во една (пред)истражна постапка“, вели академик Владо Камбовски.
С. К. ДЕЛЕВСКА