ВАНГЕЛОВСКИ И КАРАЏОВСКИ ОТИДОА ВО ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД ДА ГО СПАСАТ ПАНЧЕВСКИ ОД КАТИЦА

    ВАНГЕЛОВСКИ И КАРАЏОВСКИ ОТИДОА ВО ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД ДА ГО СПАСАТ ПАНЧЕВСКИ ОД КАТИЦАПретставници на највисоката судска власт во Македонија вршат контрола на Гевгелискиот суд. - Зоран Караџовски; Катица Јанева; Јово Вангеловски

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски претпладнево дојдоа во контрола на Основниот суд Гевгелија, каде работи судијката која ги потпиша налозите за претрес во канцеларијата и во домот на експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, кој е под истрага на Специјалното обвинителство.

    „Ова е невиден притисок, сите сме на нозе во судов. Овој суд е со ниска надлежност, тука се судат кривични дела до 5 години затвор. Никогаш овде не дошло во контрола највисокото раководство на судството“, велат вработените во Основниот суд Гевгелија, според кои, Караџовски и Вангеловски најавиле дека таму ќе се задржат подолго.

    Никој не знае зошто највисоките претставници на судството отишле да го контролираат токму овој суд и токму сега, додека трае предистражната постапка на Специјалното обвинителство против Панчевски за оддавање службена тајна и за злоупотреби со АКМИС-системот , во врска со истрага што ја отворило СЈО претходно, а била поврзана со прислушуваните разговори.

    Јанева и тим од обвинители и истражители на 5 октомври, минатата среда, со налог за претрес потпишан од судија на претходна постапка во Гевгелискиот суд, влезе и изврши претрес во Основниот суд Скопје 1 во канцеларијата на судијата Владимир Панчевски, а разговараше и со в.д. претседателот Стојанче Рибарев. Тој подоцна на колегиум со сите судии кажал дека се што барала од податоци обвинителката Катица Јанева за потребите на истрагата, се и овозможил.

    СЈО со друг налог обезбеден од Гевгелискиот суд, изврши претрес и во домот на Владимир Панчевски како и во домовите на двајца информатичари вработени во Судот.
    По излегување од судот, на новинарско прашање дали се сомнева дека се местеле предмети преку АКМИС системот, Јанева одговори: „Апсолутно, да“.

    „По судска наредба, СЈО изврши личен претрес кај лицето Владимир Панчевски и со друга наредба од судот ги одзема сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување на предмети во Основниот суд Скопје 1“, рече Јанева.

    Во врска со кривичното дело Оддавање службена тајна, за кое што се сомничи Панчевски, таа рече: „Се издавале службени податоци за други лица во јавноста поврзани со наши истраги“.

    Има сомневања дека оддавањето службена тајна се однесува на електронско преснимување, т.е. изнесување докази од предмети што ги води СЈО во Основниот суд Скопје 1 и давање на осомничени и на обвинети надвор од судот.

    Целта на обвинителите од СЈО биле компјутерите што ги користел експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и како се случувало доказите со кои располагале обвинителите на СЈО да бидат достапни и за обвинетите и за сведоците.

    Во исто време, работната група од Министерството за правда заврши со контролата на системот за автоматка распределба на судските предмети во Основниот суд Скопје 1, по забелешките на експертот Рајнхард Прибе, кој се сомнева во злоупотреби со АКМИСОТ. Работната група го исконтролирала АКМИСОТ во Кривичниот суд од неговото инсталирање во 2010 година. Најдени се слоупотреби, тие ќе му бидат дадени на Јавното обвинителство, а извештајот на работната група јавно ќе биде објавен од понеделник.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира