Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е изненадена од најавите за поднесување амандмани на бугарските европратеници на вчерашниот состанок на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), на кој беше усвоен извештајот на Томас Вајц за напредокот на земјава во ЕУ. Изминатиот период пред да се гласа за извештајот, бугарските европратеници заради политички притисок заедно со европратеници на германската демохристијанска ЦДУ поднесоа неколку амандмани со кои сакаа пред македонскиот јазик да биде вметнат зборот „сегашен“ алудирајќи дека тој е новосоздаден, модерен/сегашен јазик. Откако вчера Коитетот ги одби тие амандмани, тие најавија дека ќе ги поднесат на пленарната седница на Европскиот парламент кога треба да се усвои извештајот.
„Бев изненадена од профилот или карактерот на поднесените амандмани, затоа што да поднесувате амандмани за идентитеските прашања, а тие се ад акта за разговор, бидејќи и договорот за ЕУ и Лисабонскиот договор и Повелбата за фундаметални права, гарантира почитување на националниот идентитет и на јазичната различност, и за тие прашања не треба да се разговара. Очекувам разбирање од нашите соседи, пријателски однос и мислам дека ќе дојде до тоа“, рече претседателката Сиљановска-Давкова во изјава за ТВ21 во Хаг каде ја предводи македонската државна делегација на Самитот на НАТО.
Таа рече дека синоќа пред вечерата што ја организираше холандскиот крал Вилем-Александер во Хаг во рамките на Самитот на НАТО, имала пријатен протоколарен пријателски разговор со бугарскиот премиер Росен Жељазков.
„Имав пријатен разговор со премиерот на Бугарија. Разговаравме за нужноста од меѓусебно разбирање, да се почитуваме, за потребата да го следиме духот на двата народа, за да помагаме и за потребата кој е веќе внатре да му помогне на оној кој оди кон ЕУ. Верувам во потребата од пријателство, верувам дека ќе се случи и мислам дека тоа е нешто неминовно. Не можам однапред да предвидам, но од она што го видов вчера гарантира дека низ дебата ќе дојдеме до единство“, рече Сиљановска-Давкова.