Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа присуствуваше на концерот на грчкото музичко дуо Христос Гримпас и Џорџ-Емануел Лазаридис на Охридско лето и седеше заедно со грчката амбасадорка Софија Филипиду. Претседателката е покровителка на Охридско лето. На концертот во црквата „Света Софија“ амбасадорката Филипиду во поздравниот говор ѝ се заблагодари на Сиљановска-Давкова за честа што присуствува на концертот на грчките виолончелист и пијанист.
По концертот во предворјето на црквата амбасадорката имаше прием, на кој претседателката Сиљановска-Давкова им честиташе на уметниците и разговараше со нив.
Овој гест на културна дипломатија е своевидно олабавување на тензијата меѓу двете земји, што настана откако претседателката Сиљановска-Давкова на инаугурацијата во Собранието на 12 мај при заклетвата не го кажа уставното име на земјава Република Северна Македонија туку само Македонија, поради што, во знак на протест, грчката амбасадорка Филипиду ја напушти пленарната сала. Претседателката потоа ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија.
Филипиду, која на инаугурацијата на 12 мај седеше помеѓу американската амбасадорка Анџела Агелер и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп веднаш до излезот од галеријата во Собранието, при првото изоставување на уставното име стана и излезе среде заклетвата. Агелер, која беше до неа, се вртеше додека холандскиот амбасадор Коп на нечие прашање од дипломатски колега во галеријата ги креваше рацете и се вртеше кон вратата. Агелер потоа седна на местото на Филипиду.
Амбасадата на Грција во земјава тогаш го потврди потегот на Филипиду.
„По инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција, амбасадорката Софија Филипиду ја напушти салата“, изјавија од грчката амбасада на 12 мај, а грчкото државно раководство изјави дека ова го смета за прекршување на Преспанскиот договор со кој се разреши 30-годишниот спор за името.
Реагираа и ЕУ и САД и повикаа на доследно почитување на Преспанскиот договор. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кажа дека ако Македонија го прекршува Преспанскиот договор ќе бидат загрозени амбициите на земјата за членство во ЕУ и дека трите меморандуми за соработка поврзани со Преспанскиот договор нема да бидат ратификувани во грчкиот парламент ако новата влада не го почитува договорот.
На 13 мај, во соопштение од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова кажаа дека таа свечената заклетва ја потпиша со уставното име на земјава, дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека има право да го употребува името Македонија во своите јавни настапи, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.
- ГРЧКАТА АМБАСАДОРКА СИ ЗАМИНА ОД ИНАУГУРАЦИЈАТА НА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ОТИ ТАА НЕ РЕЧЕ „СЕВЕРНА“
- ЌЕ ГО ПОЧИТУВАМ ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, НЕ СУМ РЕКЛА ДЕКА ЌЕ ГО РАСКИНАМ, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА
М. КОСТОВА