Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека Собранието ги исполнило планираните активности и ги реализирало сите зацртани планови годинава.
„Мислам дека Собранието ги исполни очекувањата за 2018 година и сите битни прашања ги има завршено навреме. Парламентот успеа да си ја оправда својата работа и очекувањата на граѓаните. И анкетите покажуваат дека Собранието има соодветна оценка“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешниот новогодишен брифинг со новинарите.
Џафери најави дека претседателските избори ќе ги закаже на 2 или 3 февруари.
Во Уставот пишува дека изборот на претседател на државата се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател.
Во случај на престанок на мандатот на претседателот на републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.
Законот за ратификација на Договорот со Грција и Законот за употреба на јазиците Џафери ќе ги испрати во „Службен Весник“ без потпис на претседателот Иванов.
„Кога ќе се усвојат уставните амандмани, двата закони ќе ги пуштам во „Службен весник“ бидејќи никој не смее да ја попречува волјата на Собранието“ рече Џафери.
Пленарната седница за гласање на уставните амандмани е закажана за 9 јануари, а претседателот Џафери очекува да заврши до 15 јануари или порано, бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ одлучија да не учествуваат во понатамошната расправа.