ПРЕТСТАВНИКОТ НА ДУИ ВО ДИК ЈАКУПИ, КОЈ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО СКАНДАЛОТ СО БОНУСИТЕ, ИЗБРАН ЗА СУДИЈА ВО ВИШИОТ УПРАВЕН СУД

    ПРЕТСТАВНИКОТ НА ДУИ ВО ДИК ЈАКУПИ, КОЈ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО СКАНДАЛОТ СО БОНУСИТЕ, ИЗБРАН ЗА СУДИЈА ВО ВИШИОТ УПРАВЕН СУДЛани по откривањето на скандалот од американскиот амбасадор Џес Бејли за тајна делба на повеќе илјади евра бонуси меѓу членовите на старата ДИК, сите си поднесоа оставки, а меѓу нив и новоизбраниот судија Субхи Јакупи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Субхи Јакупи, кој два мандата беше член на Државната изборна комисија предложен од ДУИ ќе стане судија на Вишиот управен суд. Тој беше и во последниот состав на ДИК и лани заедно со другите членови си поднесе оставка поради скандал со бонусите што го откри американскиот амбасадор Џес Бејли. Наскоро ќе положи заклетва пред Судскиот совет дека ќе носи непристрасни и праведни одлуки.

    На стручен собир минатата недела во Охрид, кој се организираше под спонзорство на Амбасадата на САД во Скопје, дел од учесниците го коментираа и изборот на судијката за малолетнички криминал Лирије Елези Ајрулаху во Апелациониот суд во Скопје затоа што таа наводно била роднина на Муса Џафери.

    Кандидат за судија што конкурирал за едното место за заедниците во Апелациониот суд Скопје ни се пожали: „Зошто да ме изберат мене? Па јас не сум од ДУИ за да ме изберат“. Додаде дека таа  била внука на Муса Џафери, а сопругот и работел во УБК.

    Младите судии Албанци по последниот избор велат дека се разочарани оти ништо не се сменило во Судскиот совет во кој седат политички лица предложени од поранешното парламентарно мнозинство на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ и од претседателот Ѓорге Иванов. Наскоро треба да се распише оглас за уште 4 упразнети судиски места во Скопска Апелација.

    Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски рече дека „забелешки, оговарања, шпекулации, имало и секогаш ќе има“.

    „Како колективно тело, мнозинството сметаше дека кандидатите во управните и останатите судови се вистинскиот избор, иако немавме едногласен став. Очигледно Јакупи беше најдобриот кандидат“, рече Караџовски.

    Јакупи бил избран со 11 гласа „за“ и само еден „против“.

    И министерката за правда Рената Дескоска рече дека ги слушнала реакциите за одреден избор на судии.

    „Не знам кои биле пријавени и кои кандидати отпаднале. Ниеднаш од стапувањето на функцијата министер за правда не сум била на седница на Судскиот совет. Ќе се забрани повикување на министер за правда при избор и разрешување на судии“, рече министерката за правда Рената Дескоска за изборот на последната седница на Судскиот совет.

    Обвинителот Џон Мекнил, правен советник во Американската амбасада, која ги помага судските реформи на истиот собир праша четворица членови на Судскиот совет: „Дали Судскиот совет претставува ефективна пречка за политичките влијанија или всушност е канал преку кој се насочуваат тие влијанија?“

    Два дена колку што траеше конференцијата, од нив не доби одговор.

    Од Судскиот совет присутни беа: Зоран Караџовски, Беким Реџепи, Селим Адеми, Влатко Самарџиски и новоизбраниот Сашко Георгиев.

     

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира