ПРЕЗЕМАЊЕТО ЛЕКАРИ ОД ПРИВАТНИ ВО ДРЖАВНИ БОЛНИЦИ НЕМА ДА БИДЕ ВРЕМЕНСКИ ОГРАНИЧЕНО

    ПРЕЗЕМАЊЕТО ЛЕКАРИ ОД ПРИВАТНИ ВО ДРЖАВНИ БОЛНИЦИ НЕМА ДА БИДЕ ВРЕМЕНСКИ ОГРАНИЧЕНОСо измените на Законот за здравствена заштите ќе се укине плаќањето на лекарите по учинок, што го воведе претходната Влада, а што беше и една од причините за штрајкот на лекарите во 2012 година. (Фото: М. Златевска)

    Законските измени неопходни за да можат специјалисти од приватните болници директно со преземање да се вратат на работа во државните, се во владина процедура, и тие треба да бидат разгледани на некоја од наредните седници, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    „Измените на Законот за здравствена заштита ги направивме и ќе бидат на дневен ред на некоја од наредните владини седници“, вели тој.

    Важноста на одредби во Законот за здравствена заштита за директно преземање доктори од приватни во јавни здравствени установи истече во декември 2016 година.

    „Со законските измени ќе се овозможи преземање доктори од приватните здравствени установи во јавните, и важноста на ова решение ќе биде без временско ограничување. Со тоа нема да се најдеме во ситуација по одреден временски рок пак да треба да се менува Законот“, вели Филипче.

    Специјалисти кои работат во приватни болници, а кои сакаат да се вратат во јавните здравствени установи, каде претходно работеле, велат дека ги чекаат овие законски измени за да можат веднаш да се вратат во државните болници, бидејќи процедурата за вработување со редовен оглас трае многу долго.

    „Решив да се вратам во јавната здравствена установа во која работев претходно пред да заминам во приватна болница. Во државната болница им недостига кадар и сакаат да ме вратат назад, но за жал важењето на овие законски одредби за преземање истече во декември 2016 година. Има и други мои колеги кои сакаат да се вратат во јавното здравство и многу полесно ќе се одлучат на тој чекор доколку процедурата е побрза и поедноставна, отколку со месеци да чекаат резултати од конкурс за вработување“, вели специјалист од една приватна болница.

    Со измените на Законот за здравствена заштите ќе се укине функцијата втор директор или економски директор во јавните здравствени установи, како и плаќањето на лекарите по учинок, што го воведе претходната Влада, а што беше и една од причините за штрајкот на лекарите во 2012 година.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира