ПРИТВОР ДОБИ И ТАТКОТО НА УБИЕНАТА ВАЊА, АЛЕКСАНДАР ЃОРЧЕВСКИ

    ПРИТВОР ДОБИ И ТАТКОТО НА УБИЕНАТА ВАЊА, АЛЕКСАНДАР ЃОРЧЕВСКИЃорчевски е осомничен дека тој на убиецот му ги дал податоците за времето на излегувањето од дома на своето дете за на школа, маршрутата на нејзиното движење и други детали од нејзиното секојдневие. (Фото: Принтскрин од видео на Скопје1)

    Вечерва притвор доби и приведениот Александар Ѓорчевски, татко на убиеното 14-годишно девојче Вања Ѓорчевска од Скопје, потврди Основниот кривичен суд Скопје.

    „Поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и уништување докази, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на надлежниот обвинител и на четвртиот приведен му определи мерка притвор од 48 часа“, ни изјавија од Основниот кривичен суд Скопје.

    Денеска Јавниот обвинител Гаврил Бубевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажаа зошто родителот е лишен од слобода – имено Ѓорчевски е осомничен дека тој им ги дал податоците за времето на излегувањето од дома на своето дете за на школа, маршрутата на нејзиното движење и други детали од нејзиното секојдневие. Како што кажа Спасовски, Ѓорчевска е киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол.

    Четворица приведени имаат ваква куса мерка од 48 часа додека МВР да ги поднесе кривичните пријави до Обвинителството за убиствата на Вања и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Ако се утврди дека станува збор за организирана група која изнудувала пари заедно со главниот осомничен киднапер и убиец Љупчо Палевски кој е во бегство, тогаш случајот може да го преземе Обвинителството за гонење организиран криминал.

    По поднесувањето на кривичните пријави со обезбедени докази (обдукцискиот наод на убиените Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не беа готови), ќе биде дадена наредба за истрага за бруталните убиства кои ја потресоа јавноста. Потоа, ќе се бараат мерки притвор од по 30 дена за осомничените.

    Но, за избеганиот Палевски Обвинителството веднаш даде наредба за почнување официјална истрага, побаран е притвор од 30 дена во отсуство и веднаш одобрен од судијата. Ќе почне да се спроведува веднаш откако ќе биде фатен од Интерпол и спроведен во Македонија.

    „За осомничениот кој е во бегство, по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривични дела – Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ. Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое притворската мерка ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, соопшти вечерва Јавното обвинителство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира