Притворен е крадецот кој на 26 и 27 јуни украде вкупно 16 слики од Павле Кузмановски изложени во „Матица ексклузив“ во центарот на Скопје. Како што соопшти МВР, Е. Д. (33) од Скопје е уапсен на 29 јуни, а дел од украдените слики се пронајдени и вратени на сопственикот.
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека осомничениот, на 26 и 27 јуни двапати влегувал во книжарница на улицата Ѓуро Стругар во Скопје, од каде украл 16 слики со вкупна вредност од 984.000 денари.
На 26 јуни, рано изутрината, со употреба на погоден алат и физичка сила, тој го скршил катанецот на задната влезна врата на книжарницата и од ѕидовите откачил и зел 6 слики, а иако кражбата била пријавен во полиција, тој следниот ден, на сличен начин го скршил катанецот на предната врата и од книжарницата украл уште 10 слики.
Судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје му определи протвор на барање на Обвинителството, поради опасност од бегство како и веројатност тој да го повтори делото, особено затоа што и претходно е осудуван за ист тип кривични дела во земјава, но и во Германија.
Кузмановски, роден во Тетово во 1939, е дипломец на Академијата за применети уметности во Белград, Србија. Неговото ателје се наоѓа во родното Тетово каде поседува огромна колекција на уметнички слики. Во 1989 година целосно ја живописува селската црква „Св. Атанасиј“ во тетовското село Фалише. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ на 27 јуни соопшти дека два дена по отворањето на изложбата на слики од Павле Кузманоски, биле украдени 16 негови ретки дела масло на платно, пастели, акварели и цртежи во туш на тема урбани пејзажи создадени во изминатите 60 години.
„По големата кражба во седумдесеттите години на минатиот век на делото на Пикасо од Музејот на современа уметност во Македонија, денес сме сведоци на кражба и на исклучително вредни уметнички дела од нашиот голем сликар“, соопшти тогаш „Матица ексклузив“.
Лани, муралот на Кузмановски кој годинава уништен при реконструкцијата на тетовската гимназија, повторно заживеа, овојпат како уметничка слика. Таа е изложена ѕидот во холот на основното училиште „Братство-Миѓени“ во Тетово. Благодарение на неколкумина ентузијасти и донатори, беа собрани пари за бои и материјал, а Кузмановски без надомест повторно го наслика ова свое дело и така го спаси од заборав.