Владата ќе предложи уставни измени со кои претседател на државата ќе се бира во Собранието, а не на непосредни избори во случај ако Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поттикнат јбојкот на претседателските избори, без разлика дали повикот би бил јавен или таен, како што беше за време на референдумот на 30 септември и ако тоа предизвика да нема цензус за избор на избор на претседател на државата, велат извори од Владата.
Во тој случај, според Уставот до избор на претседател на државата, вршител на должноста претседател ќе биде претседателот на Собранието Талат Џафери.
Претседателот на Собранието Џафери рече дека на втори или трети февруари в година ќе ги распише претседателските избори што ќе се одржат најверојатно кон крајот на март, или почетокот на април.
За да бидат успешни претседателските избори, треба да излезат во втор круг околу 720 илјади гласачи, или 40 отсто од вкупните гласачи запишани во изборачкиот список.
Собраниски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека во случај да нема цензус, веднаш ќе се иницираат уставни измени и претседател ќе се избира во Парламентот. Парламентарното мнозинство со осумтемина независни пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ има 80 гласови потребни за пристапување кон промена на Уставот.
„Ќе иницираме уставни измени. Референдумот покажа дека поради бојкотот на опозицијата не се стигна до потребниот цензус за да биде целосно успешен. Да не се случи исто и да не се блокираа извесниот влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ во јуни, ќе се иницираат измени. Целата процедура за уставните измени трае околу 100 дена. Додека таа не заврши, според Уставот, функцијата претседател ќе ја врши собранискиот спикер Талат Џафери“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК, пратеници од мнозинството во Собранието.
Според Закон, за претседател на Републиката во прв круг е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број запишани во Избирачки список 1.806.336 гласачи.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.
За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто избирачи.
На референдумот гласаа вкупно 666.743 граѓани или 36,91 отсто од запишаните 1.806.336 гласачи на Избирачкиот список.
На претседателските избори кои се оддржаа на 13 и 27 април 2014 година, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов. Тој во вториот круг доби 534.910 гласови, а противкандидатот од СДСМ, Стево Пендаровски, 398.077 гласови.
Во првиот круг учествуваа и Зоран Поповски од ГРОМ, кој доби 31.368 глас и Илјас Халими од ДПА, кој доби 38.966 гласови.
Г.ТРПЕНОСКИ