Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе одлука две недели да се затвори градинката „Ташко Караџа“ во скопската населба Радишани, каде пет деца се заразиле со мали сипаници (морбили). Според информациите од Министерството за здравство, регистрирани се шест заболени лица, односно пет деца на предучилишна возраст и еден возрасен маж.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Комисијата прогласила епидемија на мали сипаници во Радишани и дека ова е резултат на неколкугодишни негативни кампањи против вакцинaцијата, особено со вакцинацината за морбили, рубеола и паротит (МРП). Тој вели дека намалениот опфат на вакцинација предизвикал пад на колективниот имунитет.
„Оваа болест се превенира со вакцинација. Уште еднаш апелирам, покрај сите кампањи што ги прави Министерството за здравство, родителите да ги вакцинираат своите деца. Периодот од 2 недели ќе се искористи за итна дезинфекција на објектот, а потоа и за имунизација на сите деца кои не се вакцинирани. За жал, сите заболени лица се невакцинирани. Три од пет деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите дечиња се на домашно лекување“, рече министерот Филипче.
Министерот вели дека опфатот со вакцинација е мал кај децата од една до три години, дека како што растат децата расте и опфатот на вакцинација.
„Очигледно дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште. Ќе бидеме принудени да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа. Ќе направиме уште еден состанок со претставници од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација“, рече Филипче.
Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, вели дека малите сипаници може да дадат тешка клиничка слика, како воспаление на белите дробови, воспаление на мозок, тешка дијареа и во одредени случаи и смрт.
„Од Центарот за јавно здравје добивме информација за шест заболени лица, од кои три се наоѓаат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а три се на домашно лекување. Од овие, само три се лабараторски потврдени, а во тек се наодите и за другите заболени, но клиничката слика укажува дека станува збор за мали сипаници. Сите деца кои се заразени со оваа болест не биле вакцинирани, а возрасниот пациент е со непознат вакцинален статус“, рече Микиќ.
Тој вели дека годинава се регистрирани вкупно 51 случај на заболени од морбили, од кои 27 случаи во Дебар, каде летово беше прогласена и епидемија.
„Останатите случаи не беа поврзани, главно сипаниците беа внесени од надвор по престој во некоја од соседните земји. Сега е прв пат пет деца од иста градинка да ја имаат болеста. Сѐ уште се испитуваат можните извори на заразата, но моравме брзо да реагираме за да се спречи натамошно ширење. Во Скопје опфатот на вакцинирани деца со МРП вакцината е најмал, лани со првата доза што децата ја примаат по навршена една година беше 78 отсто, а во 2016 година 67 отсто. За да има колективен имунитет опфатот треба да биде над 95 отсто“, вели д-р Микиќ.
Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека денес попладне ќе направат вонредна дезинфекција во објектот „Ташко Караџа“ во состав на градинката „11 Октомври“ во Општина Бутел, и дека ќе направат вонредна дезинфекција и во останатите градинки.
Е. БОЧВАРОСКА