ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО СКОПЈЕ, ОД УТРЕ ЗАБРАНА ГРАДИНКИТЕ ДА ПРИМААТ ДЕЦА НЕВАКЦИНИРАНИ ЗА МОРБИЛИ

    ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО СКОПЈЕ, ОД УТРЕ ЗАБРАНА ГРАДИНКИТЕ ДА ПРИМААТ ДЕЦА НЕВАКЦИНИРАНИ ЗА МОРБИЛИПо првичните 7 случаи на заболени во Радишани, кога на 19 декември беше прогласена епидемија во овааа населба, сега има 6 нови потврдени и уште 6 нови непотврдени случаи (Фото: Министерство за здравство)

    По појавата на 12 новозаболени од мали сипаници во повеќе скопски општини, прогласена е епидемија во Скопје и донесена е наредба градинките да не ги примаат децата кои немаат примено вакцина против морбили, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека оваа одлука е доонесена по препорака на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје. Сите новозаболени се невакцинирани.

    Филипче кажа дека од новозаболените, 6 случаи се потврдени дека се заразаени од мали сипаници, а за 6 се чека потврда. Од новозаболените повеќето се деца на возраст од 8 месеци до 4 години, а меѓу нив има и двајца возрасни.

    „Согласно членовите 56 и 57 од Законот за заштита на населението од заразни болести, донесовме одлука да се забрани прием на децата во градинките кои не се вакцинирани против мали сипаници. Добро е што не работат училиштата и децата се на распуст, па ни ја олеснува работата. Ситуацијата ја имаме под контрола, работат вакциналните пунктови и се прави контрола на вакциналните картони. По прогласувањето на епидемијата во Радишани и регистрирани 15.000 невакцинирани деца, за жал, досега се вакцинирани само 310. Секое непочитување на препораките за имунизација е дополнителен ризик за ширење на болеста“, вели Филипче.

    Тој рече  дека се свесни оти ова можеби ќе направи проблем на родителите, но дека брзале да ја донесат мерката за да спречат натамошно ширење на болеста, која е високо заразана и која може да предизвика сериозни компликации и смртни случаи, како што беше случајот лани во Србија каде починаа 30 заболени и 50 во Романија.

    Д-р Билјана Даниловска од одделот за епидемиологија на Центарот за јавно здравје, кажа дека новите случаи епидемиолошки не се поврзани, односно дека ги има од цело Скопје.

    „По првично регистрираните 7 случаи во Радишани, од оние за кои имаме потврда еден случај е регистриран во Кисела Вода, 3 во Бутел, еден во Гази Баба, еден во Аеродром. Од оние за кои чекаме потврда два се во Аеродром, еден е во Бутел, еден во Центар и еден во Ѓорче Петров“, вели д-р Даниловска.

    Д-р Сања Петрушевска од Клиниката за инфективни болести, кажа дека има 8 хоспитализирани со мали сипаници, меѓу кои деца на возраст од 8 месеци до 4 години и возрасен на 31 година. Таа рече дека сите се со бронхопневмонија, од кои два случаи се со посериозни компликации.

    „Меѓу пациентите нема такви со компликации на централниот нервен систем“, кажа д-р Петрушевска.

    Д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, кажа дека морбилите се исклучително опасна болест, која предизвикува воспаление на белите дробови и воспаление на мозокот.

    „Станува збор за тешко и опасно заболување. Пред воведување на вакцината во 1972 година овде имавме големи епидемии со 12.000 заболени и 1.250 смртни случаи. Ова заболување е високозаразно и за кратко време се пренесува од човек на човек“, рече Караџовски.

    Лилјана Ристевска-Деспотовска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, рече дека имаат можност да им наложат на градинките да не примаат невакцинирани деца и дека тоа ќе го направат.

    „Ние поднесуваме прекршочни пријави против родителите кои не ги вакцинираат децата, но како одлучуваат судовите не сакаме да коментираме“, рече Ристевска-Деспотовска.

    Казните за невакцинирање се движат од 3о0 до 600 евра.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира