ПРОГРАМИТЕ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ХИВ ДА НЕ ЗАВИСАТ ОД ВОЛЈАТА НА ПОЛИТИЧАРИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

    ПРОГРАМИТЕ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД ХИВ ДА НЕ ЗАВИСАТ ОД ВОЛЈАТА НА ПОЛИТИЧАРИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

    Потребно е системско решение како од државниот буџет ќе се финансираат превентивните програми за ХИВ и намалување на штети од дроги, рече министерката за тру и социјална политика Мила Царовска, на вчерашната конференција за моделите за финансирање на овие програми организирана од невладината ХОПС- опции за здрав живот.

    „Потребно е да се најде соодветен модел за финансирање на овие програми, кои во најголем дел ги спроведуваат невладините организации, а не та како што е досега да зависи од политичката волја на некој министер“ рече Царовска.

    На петти овој месец Владата донесе одлука со која од следната година ќе обезбеди 103 милиони денари од државниот буџет за превенција и третман на ХИВ, откако Глобалниот фонд годинава најави дека ја повлекува финансиската поддршка за Македонија, бидејќи е земја со ниска преваленца на ХИВ и повисока стапка на економски развој.

    Превентивите програми за ХИВ и за намалување на штетите од употреба за дроги од 2003 година беа финансиски поддржани од Глобалниот фонд со 26 милиони долари.

    „Мора да постои повеќегодишен план за имплементација на минимален едногодишен план за финансирање. Овој механизам мора систематски да биде интегриран без можност за политичка или друга интерпретација, за овие сервиси да не бидат изложени на ризик од задоцнета поддршка“, велат од ХОПС.

    Заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски рече дека Министерството е отворено за сите предлози и дека ја подржува заложбата да се најде системско решение за превентивните програми.

    „Еден денар во превенција штеди 10 денари во лекување. Јас сум по професија гинеколог, кој на Клиниката за гинекологија ја породи првата ХИВ позитивна родилка во 1997 година. Мора да се направи стратегија, и се сложувам дека превенцијата не треба да зависи од политичката волја“, вели Чакаровски.

    Е.Бочвароска

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира